Ништо од договореното со откупувачите, тутунарите изиграни, в среда се враќаат на улица ?!

          Револт, бес и гнев кај македонските тутунопроизводители, кои денеска го продолжија предавањето на тутунот, откако во петокот добија ветување од министерот Хоџа и од откупувачите дека досегашната катастрофална откупна линија, од денеска, ќе биде корегирана. Разочараните тутунари тврдат дека, со исклучок на еден или двајца откупувачи, останатите си продолжиле по старо.

     „Договорот кој што беше постигнат во петокот во Министерството со откупувачите, на терен не се почитува, не се спроведува. Освен Тутунскиот комбинат кој во градскиот откуп има иницијатива на благо попуштање на откупната линија, другите откупувачи си ја тераат истата песна. Значи, се што е договорено испадна дека е лага. Го излажаа министерот, а и целата јавност. Со тоа создадоа уште поголем револт и гнев кај тутунопроизводителите“, – вели Игор Мирчески, член на ИО на незадоволни тутунари.

    „Моментално намалени се само одбитоците кои се намалени на 5 до 6 посто. Луѓево си го враќаат тутунот“. – посочи Тони Ангелески, кој исто така е член на ИО на нездоволните тутнари.

   „Прво, се уште се одбива на нетутунски материјали, се одбива повеќе од договореното, проценката пак се врши нереално, се уште некои фирми откупуваат 5 посто од прва берба. Значи, договорено е и законски е, 30 посто да се зема од првата берба, а тие се уште го земаат на еден тон-две кутии и му викаат другото да се врати назад“, – објаснува Менде Стомнарски, прет. на Сојуз на земјоделски здруженија.

      Огорчени од ваквата состојба, од ИО ги повикаа тутунарите да престанат да го носат тутунот, заканувајќи се со нови протести за в среда, а кои ќе биле поддржани и од останатите земјоделци во земјава. За утре пак, побараа повторна, задолжителна средба со министерот Хоџа за сам да се уверел во тоа што вистински се случувало на терен.

     „Треба да биде иста линијата на цела територија на Република Македонија. Доколку не добиеме такви гаранции, в среда нашето членство, тутунарите ќе ги повикаме на протести низ цела Македонија. Имаме поддршка и од оризарите, и од лозарите“, – објасни Игор Мирчески.

    „Доколку не сакаат да соработуваат, ние ќе појдеме и ќе ги блокираме откупните компании и нема да дозволиме тутунарите да го дадат за бадијала тутунот“, – децеиден беше Менде Стомнароски.

Изиграните тутунари, револтирани од новонастанатата состојба, денеска беа особено активни на социјалните мрежи каде од ИО бараат задолжително продолжување на протестите, а кои ги започнаа минатата недела.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста