Николовски: Заев и Димитров го кријат документ со кој се условува датумот за преговори

Дали Заев и Димитров се спроведувачи на проектот за бришење на македонскиот јазик и создавање на нова т.н.„северномакедонска нација”?

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, ги обвини поранешниот премиер и се уште актуелниот шеф на дипломатијата дека се обидуваат да го скријат од јавноста бугарскиот документ во кој се вели дека Македонија ќе мора да заборави на „македонско малцинство во Бугарија“ и на „македoнски јазик“ и да користи само „службен јазик на РСМ“, доколку сака да ги продолжи преговорите со ЕУ.

„Ние сме фрапирани што власта, пред сѐ Зоран Заев и Никола Димитров решија да го кријат овој документ од нас, како најголема политичка партија во Македонија и секако од јавноста. Скандалозен е обидот ова да се сокрие. Во една сериозна држава после ваков документ се отвора широка политичка и општествена дебата за да се одговори на истиот, се прави стратегија и се дејствува. Во Македонија ова се крие!“, вели Николовски во интервју за МКД.мк.

Според него овој документ е демант на отворена сцена на сите нивни лаги по што станува јасно дека Македонија не доби датум за почеток на преговори, ниту пак скоро ќе ги почне.

За овој документ, неговата содржина во која се брише македонскиот народ, македонското малцинство во соседните држави, како и македонскиот јазик, како и криењето на неговата содржина мора да има политичка одговорност.

„Па видете до каде нѐ донесе обидот на Заев да се спаси од одговорност за своите криминали и кариеризмот на Димитров. Целосно бришење на македонскиот народ и јазик. После промената на името, ова е финален обид за поништување на македонската држава онаква каква ја познаваме, а генерации ја сонуваа“, додава Николовски.

Овој документ е продолжение на Декларацијата на Собранието на Бугарија од октомври минатата година со која се бара да се избрише македонскиот народ и јазик.

ВМРО-ДПМНЕ предложи како одговор да се донесе декларација во Собранието со која ќе се заштитат македонскиот јазик, народ и националното малцинство во соседните земји, но тоа беше игнорирано од власта.

А потоа следеше бегање од одговорност, што резултира со национално понижување кое, тврди Николовски, може да биде фатално за државата и народот.

Затоа впрочем Заев е најпосакуван политичар од Македонија за Бугарија и Грција. Тој, за да го заштити својот криминал, подготвен е сѐ да распродаде, а овие наши соседни држави да можат да ги остварат своите вековни национални интереси. Ние сме за добрососедски односи, но истите мора да бидат плод на взаемно почитување и разбирање, плод на согласности, а не на уцени – вели Николовски.

Николовски порачува дека Македонскиот јазик не може и не смее да биде предмет на каков било договор и не смее да биде доводен под прашање. Тој е нашиот идентитет и затоа отстапки тука не смее да има.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста