Николовски: Медиумите да известуваат смирувачки во ситуација на криза, залихи има доволно

Владата се пофали дека експресно биле објавени новите антикризни мерки што ги изгласа Собранието и им порачаа на трговците да направат соодветно подесување на фискалните апарати, откако ДДВ-то за лебот, брашното од тип 400, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко со маснотии од 2%, 3,2% и 3,5%, месото, оризот и јајцата се намалува од 5% на 0%. Власта е задоволна од тоа што го постигнала, но реалноста и натаму е далеку од оптимистична. Чудни се и контрадикторни и изјавите на министерот за земјоделство на тема резервите со пченица.

Има доволно залиха од пченка, пченица и јачмен во млиновите на македонското стопанство, вели министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. Тој ги повика медиумите да известуваат со смирувачки тон во ситуација на криза, зашто како што рече, во јавноста се пласирале многу неточни информации.

  • Воопшто нема простор за никаква паника и никакви лажни информаци и фабрикување на лажни вести. Владата секој ден повторува дека стоковите резерви се на нивоата коишто се пропишани со законот, така што сметам дека сите ние имаме обврска да ја смируваме состојбата и да ги пренесуваме точните, вистински, реални аргументи, истакна Николовски.

И додека Николовски смирува дека се е под контрола, стопанските комори работат на динамичкиот план со кој треба да се спроведе и увозот на пченица од Србија, која има обезбедено 50.000 тони за Македонија во ситуација кога домашните мелничари се жалат дека има недостиг на оваа количина.

Министерот се збуни кога го прашавме зошто се набавува пченица, кога земајава, како што рече, имала и повеќе од потребното.

  • Видете прашањево е контрадикторно. Ние мора да правиме набавки, постојано разговараме, правиме анализи, ги следиме бројките и на залихите и на мелничката индустрија и на потребите од извоз коишто во овие два месеца до жетва се потребни. Верувам дека потребните количини кои мелничката индустрија ги бара од 50.000 тони преку динамичкиот план што беше побаран од нас да биде доставен до Србија и дека ќе имаме непречена набавка во тој дел, рече Николовски.

А мелничарите постојано ја демантираат власта дека немаат доволно залихи, и бараат час поскоро да се активираат стоковите резерни.

  • Мора државата да ги активира стоковите резерви, зашто сега е време за тоа, сега се вонредна ситуација, кога на стопанството тоа му е и повеќе од потребно. Ако сакаме да нема дополнително поскапување на производите, посебно на белите пецива, вели во интервју за Алфа Горан Георгиевски, од Сојузот на стопански комори на Македонија, кој воедно е и бизнисмен на ланец бизниси од мелничо-пекарската индустрија.

Инаку, во следните 10 дена се забранува извоз на пченка, пченица, јачмен, масло и брашно. Дел од трговците, за да профитираат наместо дома, големо количество од овие производи пласирале надвор. Иако, Србија веќе донесе слична мерка, сепак ветените 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка земјава ќе ги добие.

Во меѓу време, на сила стапија и ограничените профитни маржи за основните производи – до 4% е во трговијата на големо и до 3% на мало. Но, дали ваквата мерка ќе донесе пониски цени, надлежните допрва ќе анализираат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста