Николовски гаси пожар со водата на министрите додека Македонија се „дави“ во корупција

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски гаси пожар со водата на министрите. Наместо да се зафати со темелна работа, брои кој функционер колку вода испил. И тоа во моменти кога Македонија руши негативни рекорди кога е во прашање справувањето со овој проблем. Иако бројките се лоши, Николовски со полна уста пофалби за својата работа.

-Многу е различно сега, со овој кодекс, многу е различно од 2017-та наваму, кога ниту министрите во најголем дел не користат службени картички, и кога секоја една чаша вода им се мери од страна на граѓаните, од медиумите, од страна на сите. Нема таков што сега се луксузира и кој што троши на таков начин, изјави Николовски.

Николовски си изразува задоволство сам од себе, сепак бројките се против неговата работа. Македонија е на 111 место кога е во прашање перцепцијата на корупцијата. На оваа тема во гостувањето на Алфа говореше Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси интернешнл Македонија, организација која го изготви овој извештај. Вели недозволива била реакцијата на Владата по истиот.

-Па постојано се зборува тоа е само перцепција, како да тоа не се однесува на нас. Еве некој така не гледа, ама ние сме многу убави, а огледалото што не гледа не е добро. Значи, имаше таква реакција и овој пат навистина од страна на Владата. И тоа не беше добро, така да се истрча со таква реакција, секогаш е подобро да се седне и да се проучи она што го имаме пред нас, па да видиме како да одговориме наместо веднаш да кажеме дека е перцепција, изјави Тасева.

Со розевата слика која сака да ја презентира Николовски не се согласува потпретседателот на Антикорупциска, Нури Бајрами. Потенцира дека Владата досега не прифатила ниту една нивна иницијатива за разрешување на директор.

-Таков беше примерот со директорот на Агенцијата за филм. Ние баравме да се разреши веднаш, но тие решија да го разрешат многу подоцна и тоа не поради причините што ние ги наведовме. Директорите што се спорни ги менуваат единствено за време на реконструкција на Владата, а не ексклузивно по нашите иницијативи во кои укажуваме на неправилности во работата, вели Бајрами.

Бајрами вели неретко упатувале иницијативи за разрешување и на лица кои од Владата се назначени на функции во управни одговор, но одговорите кои најчесто ги добивале се дека наводите на антикорупционерите не се точни.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста