Николов за Алфа: Македонија не смее да си дозволи да биде во лежерна ситуација кога на врата ни тропа најзаразната Ковид мутација

Македонија не смее да си дозволи да биде во ваква лежерна ситуација кога на врата ни тропа најзаразната ковид мутација – Омикрон, алармира докторот специјалист Игор Николов. Тој вели дека Делта сојот и натаму е доминантен во земјава, но здравствените власти не размислуваат за нови рестриктивни мерки. Николов е дециден дека никој не може да го запре новиот корона сој да влезе во Македонија, но вели не смее да се дозволи неконтролирано ширење, бројот на нови случаи рапидно да расте, а тоа да го оптивари и онака истрошениот здравствен систем.

„Сведоци сме дека сите земји спроведуваат некаква контрола на сопствените граници. Не значи дека границите треба да се затворат, но може да се препорача тие што влегуваат од земјите каде што има омикрон да се следат, да се тестираат еден ден откако ќе влезат. Има повеќе начини на кои може да се препорача. Тоа епидемиолозите најдобро го знаат, но за жал кај нас не одлучуваат тие, кај нас одлучува некој во Владата која во моментов има премиер во оставка“, вели доктор Игор Николов, специјалист нефролог и член на Комисија за здравство на ВМРО ДПМНЕ.

Николов алармира дека ниту мерките се почитуваат, ниту пак надлежните го контролираат кршењето на протоколите за заштита од вирусот. Тој вели дека евидентно е оти Власта не ги почитува препораките на Комисијата за заразни болести, бидејќи мерките кои се носат наместо епидемолошки, се политички.

„Ете тоа со сертификатите, ниту некој ги практикува, ниту некој ги спроведува, ниту пак некој контролира дали се спроведуваат или се спроведуваат селективно на одредени места. И сето тоа практично повторно не загрозува, ја загрозува популацијата, го загрозува јавното здравје. И еден ден ќе го отвори прашањето доколку имаме голем број на жртви, од нареден нов бран чија ќе биде одговорноста? Како е поставена ситуацијата одговорност нема никој, ниту Комисијата за заразни болести, ниту министерот за здрасвтво, ниту Владата. Се наоѓаме во една лошо диригирана, лошо испланирана и лошо водена стратегија која не дава резултати и за жал резултатите чинат животи“, вели доктор Николов.

Во меѓувреме, српските власти го ограничија влезот во Србија за патници од ризичните држави каде веќе се појави новата Омикрон мутација. На белградскиот аеродром се врши задолжително тестирање за сите патници од африканските земји, по што тие одат во 14-дневна изолација.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста