Николоски: Заеви соочени со пораз бегаат во Бугарија и ги селат своите компании

Се обидува ли лидерот на СДСМ Зоран Заев да го пресели капиталот во странство за да не одговара за криминал? Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека семејството на поранешниот премиер по брза постапка го сели капиталот и фирмите во Бугарија. Згора на тоа, уште овие компании потоа се јавуваат како наводни странски инвеститори во нашата земја.

Николоски тврди дека роднините на лидерот на СДСМ се појавуваат како сопственици на фирми во најмалку две држави, од кои едната е Бугарија. Тој вели дека три компании на семејството на Заев биле формирани во Бугарија откако тој станал премиер, но презентираше и документи од кои се гледа дека биле регистрирани уште две фирми и тоа лани, веднаш по претседателските избори и пред обелоденување на случајот Рекет. Според него, сомнително е тоа што Заев со години не одговара за потеклото на неговиот имот и дека не се познати намерите што ќе прави со овие фирми по изборите.

Инаку, семејството на лидерот на СДСМ поседува повеќе фирми кои успешно функционираат во повеќе сектори. Поранешниот премиер официјално во анкетниот лист пријавил дека поседува имот во вкупна вредност од 730 илјади евра. Поголем дел е впишан како имот на неговите родители, сопруга, како и банкарски депозити.

На веб страницата на Државната комисија за спречување корупција во категоријата за податоци од анкетните листови за имотната состојба на функционерите, за името на екс премиерот Заев нема податоци.

Тања Попова