Николоски за првите 100 дена: Исплативме неисплатени плати, интензивно се гради Кичево- Охрид, драстично зголемен товарниот железнички транспорт
Предизвикувачки период за санирање на затекнатата лоша состојба – вака Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ги опиша првите 100 дена од неговиот мандат. Почнувајќи од неисплатените плати во Пошта и Македонски Железници Транспорт и Инфраструктура, до откочување на изградббата на автопатот Кичево- Охрид и поништување на тендерот за пругата кон Бугарија. Николоски рече дека делницата Кичево – Охрид која се гради повеќе од една деценија била заборавена и закочена од минатат власт. Анексот не бил ефективен, односно изведувачот не примил финансии речиси една година. Тој најавува дека сега ќе се работи со полна пареа и дека една делница од патот ќе биде пуштена до стартот на следната летна сезона.
За проектот брза пруга долж Коридорот 10, кој за Николоски е приоритет, тој најави добри вести следната пролет без да прецизира за што се работи. Тој неодамна се сретна со неговиот унгарски колега, со кој зборуваше токму за овој проект. Министерот за транспорт не е задоволен од изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, ниту од изведувачот, ниту од надзорот. Тој потенцираше дека третата фаза од пругата кон Бугарија е неизводлива и дека не размислува за ретендерирање. Инсистира на тоа конечно да се случи средба со бугарската страна и двете земји заедно да направат проект кој ќе биде поевтин и ќе може побрзо да се реализира.
Николоски вели дека во првите 100 дена успеал да отстрани повеќе недостатоци кои ја кочеле изградбата на повеќе патишта, како проблеми со експропријација, неекспродирани бомби долж трасата Прилеп- Битола, дислокација на водови и објекти. Очекува до крајот на годинава да бидат пуштени во употреба правците Прилеп – Градско и Куманово – Крива Паланка. Задоволен е од проектитте за реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир. Најавува успешен тендер за евтини авиолетови и најмалку 10 нови дестинации од двата аеродроми, како и реконструкција на зградата на Охридскиот аеродром. Во делот на железницата, вели дека наместо нула, во моментов се оспособени 7 локомотиви и дека драстично е зголемен товарниот железнички транспорт. Ги повика кабелските оператори редовно да им плаќаат на националните телевизии, а апелира и до двата мобилни оператори да ги намалат цените на мобилните услуги.