Николоски за „Фокус“: Функционери од ДУИ купиле земјиште на трасата Скопје-Блаце, за да се збогатат од експропријација
Високи функционери на ДУИ искористиле инсајдерски информации за планирањето на новата траса Скопје – Блаце и си купиле земјиште, за да може да искористат од државата милионски суми од експропријацијата. Министерот за транспорт Александар Николоски предупреди за голем криминал откривајќи дека трасата била прецртана во планински дел, каде, според него, земјиштето преминало во сопственост на фунцкионери на ДУИ.
Кога доаѓате од Косово кон Македонија, дел од автопатот поминува низ река. Еден убав автопат, кој изгледа дека е тежок и скап, но во суштина е евтин, зашто не градите тунели и немате експропријација. По секоја логика, зашто границите се вештачка работа и не се дел од природата, автопатот треба да продолжи по истата линија кон Скопје. Но, проектантите од Јавното претпријатие за државни патишта под раководство на поранешниот директор Ејуп Рустеми од ДУИ побарале мислење од Министерството за животна средина, кое пак по брза постапка им дало мислење дека тој простор треба да се заштити како еколошки заштитено подрачје и сугерираат да се помести трасата, вели Николоски во интервју за неделникот „Фокус“.
Трасата се поместува низ планината и од 13 километри испаѓа 6 километри да се тунели. И проектираната цена, за која има обезбедено средства од Европската банка за обнова и развој, од 171 милион евра, се качува на 240 милиони евра, или ја креваат вредноста за 70 милиони евра, што ќе го направи најскап автопат било каде во регионот, бидејќи еден километар би чинел 20 милиони евра.
Според Николоски, освен што ваквото трошење пари е расипничко, до толку повеќе е продлабочен проблемот бидејќи не може да се изведат шест километри тунели во четири години. Одлуката на владата за ревизија е и од причина што ако се изгради овој автопат и Косово ќе треба да ја пробива планината и да го спои на постојниот пат.
Јас сум подобро да го стопираме неколку месеци и да направиме изводлив проект, отколку да остане неизводлив проект. Да бидам директен, за да нема пак манипулации – јас сум да се изгради Скопје-Блаце и ќе се изгради, но по реална цена и без манипулации, додава Николоски.
Поради погрешниот и нелогичен избор на траси од претходните раководители на ЈП за државни патишта кои избрале планински терен кој е тежок и скап за изградба, без јасни причини, сега ќе се бара поодржливо решение, најави власта.
Николоски откри и уште еден скандал, поврзан со Бехтел и Енка. Надзорот го врши компанија од Италија, која таму има нула евра обрт, а најголем дел од обртот е во Македонија и Молдавија. Директор на таа фирма е поранешен вработен во Министерството за трандпорт – што е судир на интереси.
Николоски ја начна и дилемата, зошто токму оваа фирма била избрана за да го врши надзорот, а не на пример американската компанија „Хил“, која е број 1 за надзор во САД, или француската компанија „Ежис“, која, пак, е број 1 за надзор во Франција? Француската компанија имала за 6 милиони евра поевтина понуда, сепак, претходното раководство ја избрало фирмата од Италија која никој не ја познава.