Николоски: Пошта земала лихварски кредит од банка кој ќе го репреговараме, проблемот со платите ќе се надмине
Плати за 4.400 вработени во Пошта и Железници ќе има, а МВР и ОЈО да истражат како се задолжувале во минатото. Министерот за транспорт Александар Николоски посочи дека во моментов се крои план за реструктуирање на постојните долгови во Македонска пошта и Македонски железници но, и план за постигнување на профитабилност на претпријатијата. Николоски најави дека ќе се интервенира во Буџетот за Железници инфраструктуира со оглед на тоа дека станува збор за претпријатие во државна сопственост.
Значи зборуваме за три претпријатија. Од овие три претпријатија две се АД, тоа се Македонска Пошта и Македонски Железници – транспорт, а за акционерските друштва финансирањето не оди од буџет туку од приходите кои што ги остваруваат и тука работиме на целосен план за реструктуирање на двете друштва кој што треба да им овозможи профитабилност од една страна, а од друга страна тоа што го правиме во моментов е реструктуирање на постојните долгови кои што ги имаат со цел да вработените земаат редовно плата. Значи мора да најдеме баланс каде што луѓето дома ќе носат плата и мора да е така, затоа што на крајот на денот сите имаат семејства и треба да живеат, но од друга страна мора да има и продуктивност како тоа би се оправдало, рече Николоски.
Задолжувањата во минатото кои биле направени на недозволив начин се причина за катастрофалната состојба на претпријатијата. Николоски откри дека во Македонска пошта имало кредит кој бил отворен под неповолни услови за претпријатието, а МЖ Транспорт земале позајмици кои го оптоваруваат претпријатието. Министерот очекува надлежните органи да го истражат работењето во минатото
-Ќе кажам дека Македонска Пошта во моментов има отворен кредит кон една банка, не ја кажувам затоа што има таков договор потпишано, кој што кредит, според мене, е лихварски и тоа моите претходници само го оставале. Јас седнувам со раководството на Пошта да го тоа репреговараме затоа што не може да е така и недозволиво е да е така затоа што на тој начин се уништува претпријатието. Исто така, МЖ – транспорт има позајмици од МЕПСО, кои што според мене, се недозволиви како се направени и тоа исто така го оптеретува претпријатието, вели Николоски.
Вработените во подружниците на Пошта неколку пати изминатите две години го изразуваа револтот од ниските плати кои нередовно им се исплаќаа . Тие предупредуцаа дека претпријатието се соочува со огромна финансиска криза, и дека се претерало со партиски вработувања. Во Железници пак состојбата е очајна. Македонски железници Транспорт ја заврши претходната година со долг од скоро 4 милијарди денари, односно скоро 65 милиони евра.