Николоски побара да разговараат со оној кој навистина одлучува во СДСМ

Владата на Ковачевски се покажа како неспособна, проблемите на граѓаните не е кадарна да ги решава , економски ја потонаа Македонија, корупцијата цвета, а Премерот веднаш го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за излез од кризата. Потпретседателот Александар Николоски вели дека е разочаран од Ковачевски ама се уште стои понудата на Мицкоски за лидерска средба. Барањата на ВМРО-дпмне се да учествуваат во креирањето на државните стратегии. Нивни тимови да бидат вклучени во справување со кризите и во најкусо време да се одреди датум за предвремени избори. Рокот што ВМРО-ДПМНЕ му го понуди на Ковачевски е10 мај, а ако не ги прифати нивните барања се заканија со сериозни и досега непрактикувани чекори.

– „Ние дадовме десетина дена да размисли и еве да повторам оттука, доколку Димитар Ковачевски не е тој кој што ги носи одлуките во СДСМ, спремни сме да седнеме и да разговараме со тој кој што тие ќе го посочат дека ги носи одлуките во СДСМ. Ако е Зоран Заев, Зоран Заев ако е Радмила Шеќеринска, Радмила Шеќеринска ако е некој трет, тој кој што ќе го посочат. Потребно е Македонија да излезе од политичката и економска криза, преку решенија во четирите клучни сектори, економија, надворешни работи евро интеграции и односи со Бугарија и заштита на македонскиот национален идентитет, образование и здравство. И секако определување на брз датум за предвремени избори. – изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Од СДСМ го повторија ставот дека ниту прифаќаат средби, ниту ќе излезат на избори.
– „Пред нас е одговорна работа, справување со последиците од најголемата криза по Втората светска војна којашто Владата предводена од премиерот Ковачевски успешно ја спроведува. Но, сето ова Мицкоски не го интересира, бидејќи наместо за интересите и потребите на граѓаните, единствено се грижи за неговата политичка кариера. – велат од владејачката партија.

Предвремени избори постојано бараат и од Алијанса за Албанците. ДУИ пак е на иста линија со коалициониот партнер СДСМ, дека сега не било време за избори.

Новинар: Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста