Николоски најавува намалување на цената на станбениот квадратен метар
За 30 до 40 проценти ќе се намали цената на станбениот метар квадратен во Битола, најави денеска министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, при поставувањето на темелите за новата станбена зграда, вредна 3,5 милиони евра. Целта е, кончено да се заузда неконтролираното дивеење на цените на становите и куќите, како и да им се зголемат шансите на граѓаните за да можат да си дозволат трајно да го решат своето станбено прашање, а што е една од причините за масовните иселувања, особено на младите.
„Станбениот квадрат и во Битола, и во Охрид, и во Штип, и во Скопје, отиде многу високо и она што можам да го најавам за овие 65 станови кои што ќе се изградат тука каде што ќе има и седум деловни простории со 100 паркинг места, е дека цената ќе биде најмалку за 30-40 проценти поевтина од она што е пазар во моментов во Битола, со што мислам дека ќе ставиме крај на уцените кои што ги прават градежниците со екстремно високи цени кои што несоодветствуваат на стандардот на македонските граѓани“ – изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Новата петкатна зграда со која ќе стопанисува АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор која се гради во кругот на поранашната битолска Касарна ќе се простира на површина од околу 3.900 метри квадратни и треба да биде готова до август 2026 година.
„Сакаме да бидеме регулатор на пазарот на станови и ќе ја намлиме цената на квадратот за подрачјето на Битола. Градбата ќе трае 20 месеци“, – кажа Марјан СтеФановски, директор на АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на Македонија.
Градоначалникот на Битола пак, Тони Коњановски, уверува дека интересот на битолчани за купување станови е доста голем, особено што една ваква зграда повторно се гради дури после цели 12 години.
„Има побарувачка голема застанови што значи дека Битола е жив град, градот живее и не само од Битола граѓаните, туку и од околината и околните општини пројавуваат интерес за да живеат во Битола“, – посочува Тони Коњановски, градоначалник на Битола. Според министерот Николоски, намалувањето на цените на станбениот квадрат е само првиот чекор во ставањето ред во оваа област. Веќе следната година ќе се развива и Проектот „Купи куќа за млади“ кој што треба да им овозможи на младите по доста пристапни цени да можат да изградат или да купат куќа, а ќе се продолжи и со ваквите проекти во делот на станбената политика, открива Николоски. Исто така, според Николсоки, до крајот на годинава во Битола, преку Министертсвото за транспорт и врски, ќе бидат вкупно инвестирани околу 10 милиони, што досега никогаш не било случај. Тие средства треба да овозможат забрзан и модерен инфраструктурен развој на градот, но и на локалната економија воопшто, како и на идните нови вработувања.
Каролина Дурло