Николоски: Фолксваген никогаш не ја разгледувал Македонија како потенцијална дестинација за инвестирање

Фолксваген воопшто не ја разгледувал Македонија во финалната фаза за инвестиција, пишува на Фејсбук потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски. Тој пишува:

„Заев повторно излажа! Деновиве Фолксваген официјално објави дека својата нова голема инвестиција ќе ја отворат во Турција. Таму вложуваат фантастични една милијарда и четиристотини милиони долари отвараат над пет илјади директни работни места и уште двојно повеќе индиректни, ќе произведуваат над триста илјади коли годишно главно Пасат и Шкода Суперб“, пишува Николоски.

Според информацијата дадена за престижниот Блумберг, од Фолксваген велат дека во финална фаза биле земени во предвид покрај Турција и Бугарија, Србија, Романија и Северна Африка. Со ова Фолксваген потврдува дека Македонија никогаш не влегла во финална фаза за избор, ниту пак било планирано да се гради фабрика во Македонија.

За оваа наводна инвестиција, Владата објави на стартот од оваа година, а тогаш премиерот Зоран Заев зборуваше дека само што не се донела одлуката германскиот авто гигант да инвестира во земјава.