Никој нема да одговара за смртта на малата Тамара – Кривичните дела застареа

Обвинителството реши да не ги гони поранешните директори на Фондот за здравство за случајот со девојчето Тамара Димовска од Велес. Обвинението против тогашните директори Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази денеска е повлечено, како и она против поранешната претседателката на Управниот одбор на фондот, Елена Трпковска. За другите 9 доктори кои биле дел од комисии при Фондот, кои одлучувале за лекување во странство, наместо за несовесно работење во службата, Обвинителството решило да го преиначи делото, со што застарува и на кривичниот суд му останува само да го затвори случајот.

– „Да, за девет души извршивме преквалификација, од несовесно работење во службата, во посебен член од законот за здравствено осигурување, каде што е предвидена законска казна од шест месеци до три години. Со тоа, за овие девет души делото е апсолутно застарено“ – Соопшти обивинителот Анел Фидоски.

Одбраната задоволна од епилогот. Велат, малата Тамара починала дома, од трети причини, за кои фондот за здравствено осигурување не може да биде виновен.

„Причината за смрт не е сколиозата, тоа јавноста треба да го знае. Причината за смртта е бронхопнеумониа. Во 21 век, да ви се случи бронхопнеумониа, детето да ви почине дома, без медицински третман, сметам дека останува јавноста да цени…“ Истакна адвокатот на одбраната, Сашко Дуковски.

Мајката на Тамара вели дека очекувала пресуда со која ќе се стави крај на нечовечкото и несовесното однесување на институциите спрема човечките животи. Вели дека ова претставува срам за обвинителството и за судството.

– „Ова требаше да биде судски процес каде што требаше да се докаже како не треба да се однесуваат одговорните спрема лугето и спрема децата, но, едноставно ги почастија со ослободителна одлука. Ние како семејство изгубивме дете, влеговме во правен лавиринт во кој што крај нема. Нашата Тамара веќе ја нема. Ова е навистина страмно. – “Изјави мајката на Тамара, Жаклина Димовска.

Инаку, тогашната опозициска партија СДСМ, на чело со Зоран Заев, спроведе цела пи-ар кампања на сметка на починатото девојче, за кое обвинителството сега го повлече обвинението.

Осумгодишната Тамара почина во 2015 година додека за неа се водеше процедура да и биде одобрена операција во странство. Операцијата не можеше да се изведе во Македонија и затоа се водеше постапка девојчето да се лекува во некоја странска болница на држвна сметка.

Новинар: Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста