„Никој не не’ праша дали да се стави штрајкот во мирување“ – наставниците револтирани, бараат оставка од Јаким Неделков

„Никој не не’ праша дали да се стави штрајкот во мирување“, ние сме изиграни од лидерот на СОНК Јаким Неделков и бараме негова оставка. Голем број наставници доцна попладнето спонтано се собраа пред седиштето на Синдикатот, изреволтирани од одлуката штрајкот да се стави во мирување. Велат доста веќе Неделков го споменува и се ценка со процентот на покачување на платите. Неделков во изјава за Алфа тврди дека сите наставници биле информирани и уверува дека ова било вистинкиот начин да се дојде до остварување на барањата.

Свирежи со скандирање „оставка, оставка“ одекнуваа пред седиштето на СОНК каде дел од членството донцна попладнето се собра во знак на револт од одлуката на раководството да се стави штрајкот во мирување. Дел од наставниците бараат синдикалниот лидер, Јаким Неделков, да излезе и да објасни што значи последната одлука за ставање на штрајкот во мирување. Тие тврдат дека не биле консултирани, бараат да си поднесе оставка. Во однос на тоа дали утре ќе продолжи наставата, велат дека оние деца кои ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.

  • Вечерва сме спонтано собрани бидејќи сме изненадени од одлуката на нашиот синдикален лидер, Јаким Неделков, кој постојано нè консултираше и бараше од нас поддршка за одлуките што ги носи. Бидејќи самиот изјави колкав дел од синдикалните оргнизации се изјаснија дека штрајкот треба да продолжи, но денеска се ретерира од таа одлука. Се свикува состанок со Владата без знаење на членството и се носи нова одлука. Сето ова спонтано излезе и се собравме да изразиме револт. Тој е должен е да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката, изјави една од незадоволните членки на СОНК на вечерашниот протест.

Друга наставничка пак кажа дека се чувствувале изиграни и изманипулирани од Синдикатот и порача дека не станувало збор за никаков работен спор, па сега да има период на примирје како што претходно рекол Неделков. Наставниците и професорите побараа Неделков да престане да ги споменува и да се ценка со тие 18 отсто покачување. Си го бараат колективниот договор.

  • Работен спор би имале кога нашето членство би поднело или би сакало да поднесе тужба до МОН за да ни ги исплати наназад 6-те години кога не се направени усогласувања на нашите плати. Меѓутоа, овде апсолутно не станува збор за никакви тужби, ние не сме во работен спор, ние сме во штрајк. И на нашиот претседател треба да му биде јасно дека ако не сме правници, не сме неписмени. Од таа причина членството е изреволтирано, собрано и ќе продолжи и понатаму да ги бара своите права, рече членката на СОНК.

По протестот пред СОНК, Алфа стапи во контакт со Јаким Неделков. Тој рече дека сите чекори биле преземени откако се консултирал со членството. Упати апел да не се потклекнува на притисоци, зашто на крај сите ќе стигнеле до посакуваниот резултат. Дел од наставниот кадар излезе на протест откако преку медиумите дознале за одлуката на СОНК.

  • Сега, кој како сака може да толкува, дали е ова купување на време или е можеби вистинскиот механизам за надминување на состојбите, навистина не знам. Меѓутоа, животот не учи на се, па и на вакво мирно решавање на спорови да биде практика. Можеби е ова и задоцнето, можеби можело и пред штрајкот да се примени оваа опција. Ова е едно животно искуство за нас синдикалците кои што Власта, од аспект на власт, веројатно и повеќе ги знае законите, па така го искористи ова право за решавање на спорот, вели Неделков, Претседател на СОНК.

Синдикатот го стави штрајкот во мирување по добиеното известување од Министерството за труд, дека токму Министерството за образование е подготвено преку мирно решавање на спорот да се дојде до решение.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста