Ниедна фирма не сака да ја урива дивоградбата кај Мавровка

Никој не сака да ја руши дивоградбата пред Мавровка. Ниту една фирма не аплицирала на тендерот од општина Чаир за отстранување на бесправно изградениот објект.

Од општината велат дека утре повторно ќе го распишат истиот тендер за отстранување на објектот кој покрива површина од 330 метри квадратни. Ако се пријави некоја фирма, би добила околу 17 илјади евра за да рушење. Додека пак според познавачите на градежниот бизнис, досега во изградба на објектот се вложени над 100 илјади евра.

Надлежноста за рушење премина во рацете на општина Чаир,  откако сопственикот не се јави сам да си ја сруши дивоградбата.

Околу 20-ти минатиот месец   Општина Чаир преку весници ја почна потрагата по “непознатото лице” иако пред трговскиот центар се гради уште многу порано. Кој градел бара и полицијата, но засега без резултат .

На почетокот на јули кога Алфа почна да истражува за случајот, го сретнавме сопственикот на земјиштето каде што се гради. Тој тврдеше дека е и инвеститор на објектот. Станува збор за Мевљудим Алити, сопственикот на „Фонтана“, кафулето кое изгоре во пожар. Тој тогаш тврдеше дека се гради според дозволата која ја добил од општина Чаир.

  • Имам дозвола од градоначалникот дека можам да работам! Реконструкција се прави!

Тогаш и општинските градежни инспектори кои излегоа на терен, кажаа декка не констатирале никакви нерегуларности.

Ситуацијата се промени по 20 дена, по силниот притисок од јавноста. Па општина Чаир го промени ставот – објектот стана дивоградба и донесе одлука за негово рушење. Во меѓувреме скопското обвинителство отвори предистрага против непознат сторител.

До кога ќе стои дивоградбата пред Мавровка засега останува неизвесно, со оглед на пролонгирањето на процедурите за рушење од страна на општината.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста