„Ние не сме резервна гума„: Ахмети продолжува со суптилните закани, ќе го мобилизирал членството за да излезат на улица во ноември

„Ние не сме резервна гума„: Ахмети продолжува со суптилните закани, ќе го мобилизирал членството за да излезат на улица во ноември

Ние не сме резервна гума, тој што има проблем на патот нека дојде кај нас – дојдете сите да му го покажеме на Мицкоски местото и црвените линии – нови закани од Европскиот фронт и најави за силна борба против како што велат грдата антиалбанска кампања. Коалицијата предводена од ДУИ не може да се помири со одењето во опозиција. Го мобилизира членството и овој месец ќе оди на терен да ги собира симпатизерите за протестите кои ги најави за ноември. Лидерот на интегративците Али Ахмети со националистички тонови порача дека и Албанците биле господари на оваа земја, но поради како што вели нелегитимни претставници на оваа етничка заедница, најголемата партија на власт ги чепкала сензитивните и веќе затворени прашања како Балансерот, Законот за јазици, Законот за бранители… Партиите од Европскиот фронт го категоризираа премиерот Христијан Мицкоски како националист, а Коалицијата Вреди како послушници кои ја исполниле секоја точка и запирка од програмата на ВМРО-ДПМНЕ без да мислат на чувствата на Албанците.

Не заслужуваат Албанците и другите заедници вакво понижување. Ние не сме заинтересирани да бидеме дел од оваа влада. Дури кога слушам такви работи се иритирам и нека знаат сите дека ние не сме резервна гума. Замислете Европа да ја отвори Пандорината кутија. Не, не смее, а уште помалку Македонија не смее да ја отвори, рече Ахмети.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зиадин Села се правдаше дека Европскиот фронт немало да предизвика дестабилизација, ама ќе му ги покажел границите на Христијан Мицкоски. Според него, тие не сакале да влезат во владата но ги повика Вреди да им се приклучат и заедно да се бореле против како што рече понижувањата на Албанците.

Наша цел никако не е власта. Ние не сме хистерични за власт. Не доаѓаме во власта, туку дојдете вие кај нас, да направиме фронтот да има целосна смисла,  да му го покажеме местото на Мицкоски и да ги покажеме црвените линии, рече Села.

Албанската опозиција денеска и официјално ги започна активностите и борбата против како што велат антиалбанската реторика на настанот под мотото 100 дена неуспеси, скандали и омаловажувања.  Најавија дека цел октомври ќе го посветат на, тематски прес-конференции да укажеле на како што рекоа лошите политики на владата и на средби со граѓани. За идниот месец најавија протести на улиците, пред Собранието и Владата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста