Ние лекуваме, а не убедуваме, матичните за одлуката на Владата да ги наградува за вакцинирани пациенти

Потценувачка, уценувачка и неефикасна – вака матичните лекари ја коментираат последната мерка на Владата да ги наградува оние доктори од примарното здравство кои ќе имаат 70 отсто вакцинирани пациенти против Ковид 19. Од Здружението на приватни лекари се децидни – матичните треба да лекуваат, а не да убедуваат.

„Ниеден матичен доктор, ние се консултираме, нема да направи ништо против вољата на нашите пациенти. Сметам дека ваквата одлука не е издржана, нема да може да се реализира, бидејќи не може ако имате на ниво на држава околу 38 отсто вакцинација, вие да барате секој матичен да постигне 70 проценти. Значи над 70 отсто за да добиете нешто условно. Тешко ќе се реализира, а многу бомбастично звучи. И сега дури сме ставени во ситуација да се правдаме пред пациентите дека ние такво нешто со сила нема да правиме, дека никој нема насилно никого да тера дека мора да оди да се вакцинира, дека не ја прифаќаме ваквата понижувачка понуда“, вели доктор Лилија Чолакова Девишова од Здружението на приватни лекари.

За министерот за здравство мерката била добро скроена и можела да се спроведе оти матичните лекари биле во секојдневна директна комуникација со пациентите. Наградата ќе биде еднократна, а оние кои ќе го исполнат условот ќ парите ќе ги добијат на лето.

„Кај некои, во некои градови, дури е веќе постигнат тој процент 70 проценти од пациентите кои што се прикрепени веќе се вакцинирани и сметам дека оваа е мерка на која што матичните лекари треба да стават акцент во интензивна комуникација со пациентите макар тоа било иницијално со друга причина да ја пуштат пораката за важноста за вакцинацијата“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Одлуката за стимулација на лекарите од примарното здравство беше усвоена на владина седница, по препорака на Комисијата за заразни болести. Финансиска поддршка ќе добијат само оние матични доктори кои ќе имаат 70 отсто опфат на вакцинирани пациенти. Тие ќе добијат 30 денари по пациент, не само за имунизираните, туку за сите пациенти регистрирани во нивната база. Статистиките на Министерството покажуваат дека секој матичен лекар има околу 1000 до 2500 регистрирани пациенти, што значи дека оние кои ќе го исполнат условот и ќе убедат 70 отсто да се вакцинираат би можеле да добијат помеѓу 30.000 и 75.000 денари.

До сега во Македонија близу 800.000 граѓани се целосно вакцинирани, а 70.000 примиле и трета бустер доза.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста