Ние и петте струмички студенти

Ние и петте струмички студенти

Насловот понекогаш е намерно семантички нецелосна реченица за да биде предизвик на претставите во душата на читателот. Интересот да се потсетува една тема или намерно се игнорира сепак е личен капацитет кој е услов за комплетна свесност за опкружувањето. Дури и тогаш кога се нема храброст да се расчисти една приказна и заклучи исход со единствена верзија.
За овој настан раскажувам од своја гледна точка, од сведоштва на луѓе современици на случајот, кои ги познавале лично жртвите и учесниците.
На 13 август во 1951 година на планината Беласица животот ќе го загубат пет млади луѓе од видни семејства од Струмица. Официјалното образложение на власта е дека се обиделе да побегнат преку границата кон Грција. Сведоци пак, раскажуват дека се одведени од игранка, однесени во зградата на УДБК и измачувани, а потоа со возило однесени на местото каде што се ликвидирани.
Улицата во која живеам започнува со мермерен и не многу особен споменик на Петте Струмички Студенти во Мал градски парк. Подигнат во чест на стреланите Борис Александар Белев, Мирчо Христов Пецев, Ѓорги Томо Костуранов, Ѓорги Тушо Јарамов и, Стево Кирил Топчев . Студенти во Загреб, Белград и Скопје на возраст од 18 до 23 години. Споменикот не случајно е тука – тој зборува за нивното родно маало, местото каде што растат и каде што го градат сознанието за себе и општеството.
Некаде на средината на улицата се наоѓа грандиозната куќа ( заштитена со закон) наречена ,,Куќата на Белевци’’ изградена во 1925 година. Секој што ја видел се восхитува на волшебниот изглед на двете грандиозни кариетиди кои од половина нагоре израснуват врз два столба. Два атлантиси – мажи кои со едната рака го држат централниот балкон на куќата што го симболизира светот. Овие два атланстиси имаат мустаќи што зборува за една голема реткост – османлиски карактер на неокласицизмот, светски раритет. На предната фасада на самиот врв се наоѓа статуа за кој како деца велевме дека е ,,кипот на слободата’’ затоа што токму така изгледа. Девојка држи во рацете факел. На главата имаше зраци кои симболизират светлина. Оваа девојка облечена во бело е приказ на божицата Хеката која води низ темнината на стариот век. Таа е бремена. И замислете, свртена кон северо-исток. Кој би рекол дека новата идеја за геополитика со нејзината северо источност, била тука на врв на ќерамиди од пред сто години…
Токму од оваа врата под двете кариетиди за последен пат од својот дом на 11 август 1951 година ќе излезе младиот Борис Белев син на познат струмички лекар Александар кој завршил медицина во Техеран денешен Иран, а специјализирал во Виена. Тука наспроти него живеел Мирко Пецев, а подолу ( наспроти мојот дом ) е куќата на Ѓорги Јарамов кај кого на гости престојувал и неговиот братучед Ѓорги Костуранов. Најмладиот од нив Стево Топчев живее на само неколку чекори по улицата од нив.
И така, ќе се состанат за кратко да се дружат како студенти на свој летен академски распуст. Додека дел од нивните татковци се во затвори, тие студират лечејќи ги раните од своите денови поминати во затвори. Деновите кога растурат летоци и врз ѕидовите испишуват пароли против режимот.
Велат дека децата од ова улица биле вознемириле откако режимот во 1948 година го стрела докторот Иван Василев кој бил домашен лекар за многу од овие бежански струмички семејства. Соработник на групата ,,Илинден 1903’’ на Илија Чулев за кој од скоро беше откриено дека е брат на Епиманонда Поп Андонов учесник на АСНОМ. Веднаш по тоа младите ќе преземат акција да се противат на системот. Да барат нивните семејства да бидат оставени на мир, а имотот да им се врати. Таткото на Топчев го изградил патот кон Костурино што и денеска се користи, а ќе ги трасира и основите на денешната стара Струмичка чаршија. Костуранови, Макенаџиеви, Калкашлиеви, Хаџимишеви, Маџункови, Фиданчеви, Карчеви, Манчево, Таневи, Христови, Маџарови и други се презимиња кои му пречат на системот.
На ѕид кон влезот на градот пишувало ,,Димитар Влахов – предавник’’. Нашата улица денеска го носи неговото име. Тука на ќошето каде се наоѓа денеска Старата болница, а претходно дом на видна турска фамилија големиот Димитар Влахов држел говор пред бежанците за моќна Балканска федерација во која и Солун и Софија и Белград повтор ќе бидат на дофат. Сите прогресивни млади луѓе сакат посебност, независност и обединетост на Македонија. Шефот на УДБК во тоа време за нив ќе напише ,,тие млади се санданисти ’’. Нивните татковци лично ги знаеле Тодор, Јане и Хаџи Димов дедовците Гоце, во Кукушко учеле да пишуват при Жинзифов.
Во петок на 10 август на балконот од куќата на Јарамови се одржува весела вечеринка. Под електрична светилка и со добар грамофон. Ечи песната ,,Како што е таа чаша’’. Младите помеѓу себе се потсетуват на зборовите на Никола Михаилов од Босилово дека комунистите им имат дадено ултиматум да избегат до 15 мај. Во спротивно следува ликвидација. Многумина побегнале претходно. Струмица е зад железната завеса што ретко кој јасно ја гледа. Зад планината Огражден започнува Варшавскиот пакт, зад Беласица започнува НАТО пактот. Тука место за внатрешни опозициони струи веќе нема. Струмица ќе се гради како воена база. Но овие десетина млади луѓе распеани и разиграни таа ноќ не се грижат за предупредувањето на пријателите, не знаејќи дека на ќошето наспроти балконот УДБА веќе распоредува следачи.
Утредента на 11 август 1951 година во дворот од нашиот дом се одржува домашна веселба. Младите Јарамов и Костуранов на кратко се присутни. Тука е сватот Хаџи Тоневски Никола познат професор од Велешката гимназија. На стара фотографија прикажан како седи до Панко Брашнаров и со Чуповски. Тој знае дека стариот Панко Брашнаров на Голи оток пред еден месец е ликвидиран. Кругот се стеснува, погледите се ведат кон земјата.
Таа Саботна вечер се одржува игранка на воениот базен во Струмица. Игранката за миг е прекината и неколкумина млади се одведени од неа. Утредента во неделата младите деца ги нема дома. Се шират разни гласини, во текот на денот се бара наоколу, ноќта се кршат прсти со тешка воздишка покрај прозорите.
На 13 август понеделник семејствата се повикани да ги земат труповите на убиените деца од село Костурино. Според официјалната приказна во обид да ја пречекорат границата биле ликвидирани на еден шумски пат кој води кон Грција. Товарени на магариња и потоа во камион тие се оставени пред општинското собрание. Вечерта роднините и другарите на нивните татковци го организират погребот. За момент бие и камбаната на блиската Католичка црква која е претворена во штала за ситен добиток. Народот собран во илјади со запалени свеќи и факли се собира за последен поздрав. Армијата поставува бункер пред Општината и касарната со вреќи песок и оружје да го брани режимот.
Погребани се ноќта во заедничка гробница, освен Белев кој е простестант.
Докторот Белев набрзина го прегледува мртвото тело на својот син. Убиени се од близина. Извадени им се очи, сокршени коски, им недостасуват делови од телото, но тоа не е предизвикано од стрелањето на гранична служба. Направено е од порано со особена сила и омраза. Ѓорги Орцев малку подоцна на работни задачи по планините ќе разбере дека постојат и живи сведоци за измачувањето и стрелањето. Тие сведоци еден ден ќе се симнат и во нашето маало ќе раскажат пред родителите.
Во музејот на Македонската Револуционерна Борба на Македонија во Скопје оние кои лично ги познаваа Петте Студенти и имаа среќа да доживеат таква старост, ги видеа нивните вешто изработени восочни фигури и ја потврдија нивната автентичност.
Нема револт, нема повеќе протести, свиткан е духот и отпорот останува да татне во срцата. Мотивот за предавството се преплетува со љубовна приказна. Нема повторно разгледување на случајот, нема повторени истраги.
Ние: можеме да ги претставуваме оние кои ги ликвидирале младите, им ги одземале имотите, ги затворале, ги денационализирале, ги малтретирале, да бидеме црвена буржоазија и она што е денеска нејзина надградба.
Ние: можеме да бидеме оние кои биле малтретирани, затварани, чии машини и технологија лежат во основите на стопанството на современа Македонија, кои бегале преку граница, кои се стрелани.
Но се’ додека ние сите не се обединиме во една приказна и не станеме единствено НИЕ, нема да можеме да ги надминеме заедничките проблеми бидејќи за решавање на секој предизвик најнапред ни е потребно национално единство!

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста