Ни МНР ни Владата, никој не кажува кога и дали Македонците во Шпанија и Италија ќе се донесат дома

Оставени ли се македонските државјани во Италија и Шпанија сами на себе? Никој не знае кога тие ќе се вратат, ниту пак како. Стотици државјани на нашата земја се заглавени во земјите кои се жаришта на корона вирусот во Европа, но надлежните се без одговор како и кога ќе ги вратат дома.
Од министерството за надворешни работи не даваат одговор за овие прашања – топката ја префрлија кај Владата, ни кажаа таму да бараме одговори.
Од Владата молк, до почеток на овие вести нe ни дадоа информации.
А остануваат и неми на поплаките на оние кои се вратиле преку хуманитарните летови, а се незадоволни од третманот со кој се соочиле кога се дошле во својата матична земја. Ниту храна, ниту вода, а немаше ни епидемиолог кој не прегледа кога влеговме во автобусот кој требаше да не носи најверојатно до Охрид, ова е дел од фејсбук статус на патничка која од САД се вратила во Македонија.
И покрај повеќе од 5 часа поминати во вакви МИЗЕРНИ услови, ние сеуште сме затворени во автобус и чекаме инструкции каде ќе не носат!!! Од наши контакти дознаваме дека веројатно ќе одиме за Охрид кое патување ќе трае мин. 6 часа од Деве Баир, а ако уште малку го почекаме полицискиот конвој, можеби нема ни до Понеделник да одиме до тоалет и измиеме раце!!!! Кој ќе преземе одговорност за целата оваа голгота и неорганизираност, за она што здрави и прави ќе се разболеме од се што постои?
Инаку со вчерашната бројка вкупниот број на вратени граѓани преку хуманитарни летови или организирани летови од Владата е речиси 2500. Досега се реализирани 9 чартер летови за реадаптирање на македонски државјани од Малта,Словенија,Германија,Австрија,Хрватска,Швајцарија и Велика Британија.Во наредните денови се предвидени летови за македонски државјани кои доаѓаат од Белгија и Франција.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста