Независниот синдикат се крена на протест, министерството за образование и наука ги игнорира нивните барања

Игнорантскиот однос од надлежните ги извади на улица просветните работници. Денеска пред зградата на министерството за образование, Независниот синдикат протестираше во знак на револт бидејќи и покрај сите обиди, како што велат, немало слух за нивните барања.  Од МОН очекуваат слух и чувство вo врска со подобрувањето на условите на просветните работници.

  • „Станува збор за методологијата за пресметка на плата на просветните работници односно се заобиколува колективниот договор и на тој начин наместо минималната плата која што ја имаме во државата од 15 илјади, во сектор за образование најниската плата за најнизок степен на сложеност е 10 илјади. Тука исто така бараме да се исплати и двојно зголемениот фонд на часови. Знаеме колку земаме плата, знаеме дека просветните работници се потпросечно платени, добиваме плата која што е пониска од републичкиот просек и поради тоа апелираме како најниска платена за најнизок степен на сложеност во секторот образование да се примени минималната плата на државно ниво, која што е во моментов многу повисока од онаа која што со спогодба ја имаат направено репрезентативниот синдикат и МОН“, рече Гиевски.

Од синдикатот  истовремено побараа и почитување на ставот на Друштвата на наставници во врска со најавената Концепција за реформи во основното образование. Гиевски посочи дека во периодот додека се подготвувала концепцијата, забележале дека голем дел од барањата на здруженијата на наставници биле игнорирани, а во исто време не добиле можност за конструктивен дијалог.

  • Сведоци сме дека скоро сите здруженија на просветни работници се изјаснија дека не биле комуницирани во однос на креирањето на реформите во секторот образование, а исто така немале никаков контакт и биле изгнорирани и тие побараа помош од Независниот синдикат и денеска сме тука -рече претседателот на синдикатот.

Немаме намера да се откажеме од борбата порача претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија, Марјан Ристески. Тој истакна дека ова е еден пробен и симболичен протест преку кој го искажуваат незадоволството, со цел да пратат порака до министерката Мила Царовска да го прими синдикатот на преговори и да ги слушне нивните ставови.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста