Независниот Синдикат на прилепските пожарникари ја обвинува локалната власт за манипулации

„Дали лудилото има крај и до кога пожарникарите ќе бидат газени и омаловажувани од нестручните личности кои се вработени во ЛС – Прилеп?!“ – прашуваат прилепските пожарникари кои, според тврдењето на Независниот синдикат, и покрај тоа што на сметка имало над еден милион денари, се уште ја немале земено бонус – платата за 2019-та година, која законски им следувала. Стравуваат дека можеби тие средства биле пренаменети за друга цел, а ова го темелат на досегашниот игнорантски однос на локалната власт. Последното нивно писмено барање, а на кое се уште немаат никаков одговор, било испратено на почетокот од месецов.

Прилепските пожарникари особено се револтирани и гневни бидејќи, како што велат, во сите овие месеци на пандемија и тие, како и здравствените работници, континуирано биле на првите линии, но очигледно, некој решил да се поигрува со нив.

Став за ваквата незавидна состојба на прилепските пожарникари побаравме од ПР- службата при ЛС, под чии ингеренции е ТППЕ. Оттаму, се оправдаа дека средствата за исплата на 13-та плата за минатата година за вработените во ТППЕ Прилеп, биле предвидени во буџетот за оваа година. Заради вонредната состојба, како и заради предвремените парламентарни избори, постоела законска пречка за нивна исплата. Веднаш после завршувањето на изборите, на вработените во ТППЕ Прилеп ќе им била исплатена 13-тата плата,“ – се вели во соопштението од ЛС.
Инаку, во ТППЕ од Прилеп, вработени се 25 пожарникари, со просечна возраст од 50 години.

Каролина Дурло

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста