Незадоволство од власта: Сезона на штрајкови и протести во Македонија

Секој ден се повеќе расте незадоволството во Македонија. Протестите и штрајковите станаа секојдневие. Револтот расте во сите сфери од општеството. Пред точно два месеци, на протест излегоа оризпроизводителите. Тие ја блокираа едната лента од патот Штип- Кочани, барајќи власта да преземе нешто за нив.

-Ние не бараме апанажи,не бараме ваучери за одмори,само бараме тоа што го работеме да ни се плате. И ние сакаме да ги школуваме децата,да купеме гардероба,ама гледајте од сите овде една вилица не можеме да направеме, вели еден од оние кои протестираа.

-Ова е жаласно,да плаче цела држава.Како е тргнала работата ќе немаме храна, вели еден од оние кои протестираа.

Со пораки дека „Држава без земјоделие е слуга на другите“, „Лебот е најсилното оружје“, „Џабе златото без храна на масата“, на протест излегоа и земјоделците од повеќе делови од државата. Тие со луѓе и механизација го блокираа патот Прилеп- Градско.

-Ако не помогне државата ние ќе се соочиме, како што се соочуваме со енергетска, финасиска, економска криза, ние ќе се соочиме и со прехранбена криза која што ќе резултира со немање на доволно количество на храна, изјави Игор Мирчески.

-Храната ќе биде страшно скапа, ќе јадеме храна од сомнителен квалитет. Ќе имаме страшни проблеми, изјави Ѓорги Каракашев.

Серијата протести годинава ја отвори Конфедерацијата на слободни синдикати со барањата за покачување на минималната плата, кое Владата го прифати. Тие повторно излегоа на протест, сега барајќи усогласување на платата со минималната плата, за што засега од властите нема слух.

-Решението е едноставно, Владата треба да го покачи бодот. Тоа може да го направи за половина час, за сите да бидат задоволни, изјави Благоја Ралповски.

Овој месец на улица излегоа и родителите на децата со попреченост, таму решија да ги бараат правата, за кои според нивните зборови владата немала слух. Се пожалија дека 5.000 денари месечен додаток се премногу малку, пари со кои не можат ниту лекови да купат, а не па нешто друго плус. .

-Еве кај мене лично се 30.000 денари само за лекарства, тука не зборувам дека на детето треба да му се купат чевли, алишта, на детето треба да му се набави јадење, изјави Александар Савевски.

На протест излегоа и невладините организации, поради кратењата на 40 проценти од средствата за превентивни здравствени програми. Својот револт го изразија и вработените во Железницата и во Поштата, каде бараат поголеми плати.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста