Невакцинирани попишувачи ќе смеат да влегуваат по домови- дали граѓаните ќе ги примат?

На помалку од недела пред стартот на пописот, додека без вакцина не смеете да влезете речиси никаде, невакцинирани попишувачи ќе влегуваат во вашите домови. И покрај загрижувачките ковид бројки, власта останува цврсто на ставот дека нема да се одржи електронски попис, односно ќе се оди по добро познатиот модел, со влегување на попишувачи во домовите на граѓаните. Она што во овој случај е апсурд е што во моменти кога Владата донесе посебни рестриктивни мерки за оние кои се невакцинирани, а се трошат и стотици илјади евра за кампања за вакцинација, оваа обврска нема да важи за попишувачите. Тоа го потврди и директорот на Статистика, Апостол Симовски, велејќи дека нема никакви шанси да се промени методологијата, а граѓаните морале да ги примат оние кои ќе го спроведат пописот.

-Немаме воопшто намера да ја менуваме методологијата, таа е донесена согласно закон, таа е објавена во службен весник, таа е одобрена и од страна на ЕУРОСТАТ. Така да доаѓање методологија не доаѓа во предвид. Во однос на било какво одбивање, законот е многу прецизен, ова е задолжителна активност, ова е обврска на сите, ова не е доброволна активност, изјави Симовски.

Без разлика што секојдневно бројот на новозаразени и починати од коронавирусот е алармантно висок, и премиерот Зоран Заев порача дека пописот ќе се одржи таков каков што е предвиден, односно влегување на попишувачи по домовите на граѓаните.

-Прва седница на Парламентот е на 14-ти септември, пописот почнува на петти. Само апелирам, аман сериозни да бидеме, 20 години немаме попис, не до вас, до опозицијата. Попис има, мора и ќе има, после 20 години сме држава, нација, што сме, мора да има попис, изјави Заев.

Граѓаните пак во најголем број велат дека нема да пуштат попишувачи во својот дом, со цел заштита на своето здравје. Сепак, дел велат ќе ги примеле, а причината е обврската за такво нешто, иако се плашат за сопственото здравје.

-(Би пуштиле попишувачи дома?) Не, не. Сметам дека би го загрозиле моето задравје и на здравјето на моите од моето семејство, вели еден граѓанин пред камерата на Алфа.

-(Би пуштиле дома попишувачи вие?) Јас мислам нема да ги пуштам. (Се плашите од вирусот?) Да, вели друг.

-Се плашам, ама еве ви вака контакт имаме… Поважно ми е веќе еднаш дека крајно време е да се направи попис, вели друг.

Поради ковид бројките, електронско спроведување на пописот побара опозицијата, но кај власта сепак нема слух за такво нешто. Попишувањето на граѓаните треба да започне на крајот на оваа недела, односно на петти септември.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста