Нетрпеливоста помеѓу возрасните ја продолжува агонијата на десетгодишното истрауматизирано дете од Прилеп

Два дена зачудувачки и неочекуван молк од Центарот за социјални работи од Прилеп, по канонадата од сомнежи и обвинувања кои семејството Иваноски јавно ги упати на нивната адреса, а поврзани со добивањето старателство врз нивниот десетгодишен внук, кој пред осум месеци беше сведок на убиството на својата мајка, 33-годишната Евгенија Иваноска. Со цел да ја дознаеме вистината, утринава ние телефонски го контактиравме директорот на Центарот, Живко Силјаноски, кој, подготвувајќи се за службено патување во Скопје, кратко не информираше дека по сторијата на Алфа, тие се консултирале со надлежното Министерство и оттаму добиле напатствија – деновиве да излезат со демант на изнесените наводи од страна на вујкото на детето, но дури откако ќе добиеле зелено светло од Министертсвото?! Според Силјаноски, една од темите за кои денеска тој ќе разговарал во Министерството, бил токму и овој случај и дека за исходот од разговорите, како медиум, ќе бидеме навремено информирани, што до почетокот на овие вести – не се случи.

Во меѓувреме, успеавме да стапиме во контакт и со таткото на десетгодишното момче, кое сега е сместено кај семејството на неговата почината мајка. Во интерес на интегритетот и психичкото здравје на детето, како што рече самиот, тој одби да даде изјава во камера. Но, во подолгиот разговор со нас, тој изрази силно жалење што семејството на мајката на неговиот син, од која бил разведен неколку години пред трагичниот настан, пред јавноста го претставуваат како насилник и неодговорен татко, бидејќи, според него, вистината била сосема поинаква.

„Како не би се трауматизирало уште повеќе детето, јас, како татко, одлучив моето родителско право да го решавам институционално. Никогаш не сум бил насилен човек, не сум алкохоличар, а ниту пак живеам со друга жена. Материјално и станбено сум обезбеден и ништо не ми е потребно од тој аспект. Само си го сакам мојот син на кого сакам да му обезбедиме, колку што е можно во овие околности, поздраво детство. Јас сакам да се договориме како луѓе со неговите баба и дедо, еве, дури и немам ништо против тоа, детето, се’ додека тоа е потребно за неговото психичко здравје, да престојува кај нив, но под услов да престанат со лаги да го вртат против мене. Тоа дете има преживеано и премногу трауми, за да дозволиме, заради нашата нетрпеливост и суета, неговата агонија да се одолжи до недоглед. Јас од мојот син ниту сум се откажал, ниту ќе се откажам. Тоа е мое родителско, а и законско право и сакам час поскоро ова да го решиме на мирен и цивилизиран начин и конечно мојот син да започне да живее еден нормален, детски живот, а јас сум способен тоа да му го овозможам“, ни рече нашиот соговорник Славчо Ѓелевски.

Мајката на десетгодишното момче беше убиена во декември минатата година, од страна на нејзиниот интимен пријател. Сведок на убиството беше токму ова мало детенце, кое дури успеало и да ја повика Брзата помош.

Каролина Дурло