Неславна „екскурзија“ на Заев во Софија: Бугарските политичари со уште пожестоки провокации

Македонската страна молчи, во Бугарија излегуваат информации што Заев понудил во Софија. Како што објавува 24 часа, на маса бил ставен македонскиот јазик. Односно заедно со бугарскиот да се дефинираат како исти јазици, само меѓународно признати како различни. Наместо успех во евроинтеграциите, екскурзијата на Заев во бугарската престолнина, заврши со низа нови бугарски провокации кон Македонија. Повторно од секаде се повторува тезата дека сме биле бугарска држава. Европратеникот Ангел Џамбаски преку Фејсбук порачува, дека вистината не може да се заобиколи, како и дека Бугарија и бугарските патриоти, ќе ја продолжеле нивната битка за вистината.

-Македонија е бугарска. Факт за кој не треба доказ. Факт кој Зоран Заев го заборава кога е во Скопје. А тој се сеќава само кога бара нешто. Бугарија отсекогаш ја сакала Македонија. Но, Бугарија не треба да биде уценувана! Пријателството се гради со доверба и постојаност, пишува Џамбаски на Фејсбук.

Провокации повторно пристигнуваат и од Красимир Каракачанов, кој вели навивал за Македонија на Европското првенство, бидејќи била втората бугарска држава.

-Тоа е репрезентација на другата бугарска држава. Тоа што Заев и другите политичари не сакаат да ја признаат историската вистина, но на крајот тие се наши сонародници. И, ако нашата репрезентација не може да се пласира на Европското првенство, секако дека ќе ја бодрам другата репрезентација на Бугарија. А, за кого треба да навивам, за Турција ли?, вели провокаторски Каракачанов.

Дека патот на Заев до Софија бил бадијала вели и бугарскиот новинар од 24 часа, Виктор Иванов. Според него што и да било дадено од Македонија немало да биде доволно за да добие датум за старт на преговори, бидејќи Бугарија е во предизборие.

Заев дојде во Софија иако потполно му е јасно дека нема како во предизборната ситуација да добие одобрение и отклучување на преговорите од претседателот Румен Радев и в.д. премиерот Стефан Јанев. Не јазикот и Охрид да ни го подареше, немаше како да успее, изјави Иванов.

Дека Македонија нема што да бара додека не ги исполни бугарските уцени и условувања порача и лидерот на партијата „Има таков народ“ Слави Трифонов. Тој ги коментира и средбите на Заев со Бојко Борисов и Корнелија Нинова, нарекувајќи ги „небитни луѓе“. Инаку, она што е проблематично исто како и во спорот со Грција, информациите повторно ги дознаваме од другата страна, додека македонската цело време молчи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста