Неработната недела станува контрапродуктивен ден и за работодавачите и за вработените ?!

    За само петнаесетина дена од стапувањето на сила на одлуката – неделата да биде неработен ден, се чини дека нејзините негативни рефлексии веќе ги чувствуваат и газдите, но и вработените, особено во трговската мрежа. Прилепчанка која била вработена во маркет на реномирана прилепска трговска компанија, тврди дека газдата ја избркал од работа, односно не и’ го продолжил договорот, токму заради воведувањето на неработната недела.

 „Ова, срамотилаци е. Значи, за Нова година наместо ти да бидеш расположен, тој – новогодишна честитка, да си одиш дома. Јас не знам колку луѓе се, ама имало 15 од магацинот и сигурно 20 продавачки…Мене ме викна таму, лично да ми кажел, значи ми кажа – еве, неделата, знаеш дека е неработна, јас немам можности да плаќам луѓе толку, вишок на луѓе ми се јавуваат и готово…Таа е одлуката, договорот ти завршува и пријатно, со здравје…“, – ни изјави за Алфа, Трена Јовеска.

   Газдата на Компанијата пак, Тони Тарунџиоски, демантира дека единствената причина за отказите била неработната недела и појаснува дека на одредени луѓе едноставно, само им завршиле времените договори. Но, признава дека тој како долгогодишен стопанственик, кој вработува 250 луѓе, воопшто не се согласува со тоа неделата да биде неработна. „Прво имаме пад на прометот, второ, со ова неработна недела ќе изгубат исто и вработените, затоа што, ние на пример, им ја плаќавме таа недела, а ги почитуваме и тие 40 работни часа, неделно, со два дена слободни“, вели Тарунџиоски. Според него, овој Закон бил добар само за економски развиените земји, а Македонија била далеку од тоа, дури и во сопственото опкружување, каде неделата била работна.

  Во меѓувреме и Стопанската комора на Македонија поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на одлуката за неделата да биде неработен ден. Се оспоруваат одредби коишто се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции. Според подносителот, оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото од Уставот“, – велат од Уставниот суд.

  Колку за потсетување, недела како неработен ден стапи на сила од 1 јануари годинава, а законските измени беа изгласани во Собрание на 20 декември 2021. Законот предвидува дека недела е ден за одмор за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок има за оние работни места каде не може да се прекине работниот процес, односно за околу 8 отсто од работници.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста