Неофицијално причина за тепачка во која беше убиен Тот бил непристоен допир, бегалецот се пријави сам и заврши во притвор

Непристоен допир од ракометарот бил причина за да почне тепачката која резултираше со убиство на 28 годишниот ракометар Денис Тот. Според неофицијални информации на Алфа ова во Обвинителството го кажала 19 годишната девојка,  една од осомничените за убиството на ракометарот. По  шест дена бегство во притвор заврши и првоосомничениот Анџело Ѓоргиевски, откако по него беше распишана и меѓународна потерница дури вчера.

Според неофицијални информации тој синоќа, по четиричасовни преговори во 1 часот и 20 минути после полноќ сам се предал во полициската станица Аеродром, од каде бил спроведен во Шутка.

-Првоосомничениот за кривичното дело убиство на Денис Тот ноќеска околу 02 часот е спроведен во КПУ Затвор Скопје за издржување на мерката притвор, одредена од надлежниот суд. Тој беше баран по потерница односно Наредба на ОЈО Скопје поради основано сомневање за сторено кривично дело „Убиство“, информираа од МВР.

Во јавноста се уште постојат сомнежи дека некој сепак сакал да го сокрие убиството, а за оваа тема се пишува и во хрватските медиуми. Утрото после убиството од Карил соопштија дека тој бил примен без видливи траги на насилство. МВР прво велеше дека нема, за по повеќе од 24 часа да каже дека сепак имало убиство, иако од објавеното видео јасно се гледа дека станува збор за убиство.

Министерот Беким Сали уште го чека официјалниот документ од обдукцијата, а го има само извештајот од внатрешната контрола врз лекарите од здравствениот инспекторат.  

-Извештајот од ДСЗИ е доставен кај мене во канцеларија, чекаме извештај од Судска медицина. По комплетирање на сите документи, ќе се формира комисија ако има потреба, ако има сомнеж за некој детал, па потоа ќе ви дадеме изјава. Дефинитивно не би сакал во период кога е отворен случајот да даваме изјава. И со директорката Мојсова разговаравме и со директорката Бухова, дозволете да заврши процесот и ќе има изјава, изјави Беким Сали.

Убиството на Тот се случи четврток кон петок вечерта околу три часа после полноќ.

Матеја Петровски

Поврзани вести