Немоќните и болни од битолската периферија, чекаат парична помош

                Битолската периферија во ромската населба Баир, фрлена на маргините од општеството и градското пулсирање, онака згмечена и на дното од животот, во секое катче и во секое куќаре крие болни и мачни судбини. Денеска, после нивниот крик на очај и немоќ, екипата на АЛФА влезе во домот на семејството Хасанови. Педесет и шест- годишната Туркијан, со тешка дијагноза на полидископатија, непокретна и со многу болки, ни се пожали на својата мака, за која чека помош од државата, оти во сиромаштијата, пари им се потребни за еден куп лекови, а камоли да се прехранат.

  • Нон стоп сум со болки. Пијам апчиња и гелови ме мачка мажот ми, ама нема фајде. Сега од оваа епидемија, не можеме и на лекари да одиме. Многу тешко, замене апчиња, за него апчиња, повеќе приватно си земаме апчиња кога имаме пари, кога нема пари нема и апчиња- рече  Туркијан Хасанова.

Сопругот, кој исто така има потреба од туѓа нега, со тешки психички нарушувања поради кои заедницата му ги има одземено шесте деца од првиот брак и се има лекувано во Душевната болница во Демир Хисар, без терапија не може да ја контролира болеста, а ето, судбината сакала товарот на сегашните мачни премрежиња да падне врз неговиот грб. Тој потрербните барања ги доставил до Центарот за социјлна работа во Битола , а с`е уште со гола сиромаштија чекаат парична помош за нега на Туркијан и постојана парична помош дури 13 месеци.

  • Одиме постојано во Центарот за социјална работа и ни велат, не е до нас, се чека од Скопје комисијата да ги разгледа документите. Живееме од парите од постојаната парична помош што ги земам јас  заради пластичната операција , ама сепак ги даваме за лекарствата што треба да се платат- рече сопругот Живаир Хасанов.

Од Центарот за социјална работа велат дека за случајот на Хасанови и за сите други предмети, еден куп се разбира, навреме се испратени во ресорното  Министерство, каде што надлежната Комисија треба да ја утврди релевантноста на наодите од лекарите специјалисти и супспецијалисти. И не само битолчани, на државната комисија чекаат сите немоќни и болни од ваков тип во државата. А нашата хероина Туркија која судбината од струмичко ја донела во Битола, чека и се моли час поскоро бирократските процедури да се завршат, зашто од Клиниката за неврохирургија и препорачаа две операции на `рбетот.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста