Немало еднаквост- за Груби е проблем што во приватни фирми имало само Македонци

За Артан Груби е проблематично што во некои приватни фирми биле вработени само Македонци. Според првиот вицепремиер, тоа не било во духот на Охридскиот рамковен договор. Тој оди и контра Заев, вели државна помош за етнички вработувања во приватниот сектор би била уставна мерка, бидејќи договорот потпишан во Охрид во 2002 година, се залагал за еднаквост на сите граѓани на Македонија. Груби најави и други начини на помош освен субвенции.

-Ако ја видите етничката застапеност во сите тие компании, па без малку би биле претставени 100 проценти од македонската етничка заедница, таму нема ниту Роми, ниту Турци, нема ниту Бошњаци, нема ниту Власи, ниту Срби, па ниту Албанци по некои од тие компании. И затоа велиме да има еднаков пристап, дали тоа ќе биде преку субвенција, преку други форми на соработка. Посебно преку фаворизирање на преземање соработка или аплицирање во државни фондови, изјави Груби.

Кога се етничките вработувањата во прашање останува дилема, кога на работно место ќе се појават оние рамковни вработени, кои не одат на работа. Иако поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кажа дека за овој проблем брзо ќе има решение, Груби вели тешко ќе се решел до нова година, велејќи дека луѓето сакале да работат, но не ги примале во институциите.

-И тие луѓе сакаат да работат и сакаат да учествуваат во секојдневната работа на институциите. Не е по нивна вина дека тие си седат дома, туку е комбинирано, значи некои од институциите не прифаќаат. Имаме одлука за 700 вработени во К-5 програмата да бидат систематизирани, многу институции одбиваат да ги прифатат, изјави Груби.

Инаку, на Илинденска барем пред јавноста ставовите се различни околу државната помош ,за вработување на малцинските заедници во приватниот сектор. Според Заев нема потреба од ваква мерка, додека пак ДУИ е на ставот дека таа е дел од владината програма по која ќе мора да работи Владата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста