Нема укинување на ковид-сертификатите

Нема укинување на ковид сертификатите – епидемиолошката состојба се уште не дозволува олабавување на мерките, пресече Комисијата за заразни болести. И покрај апелите на дел од лекарите дека ковид сертификатите не покажуваат ефект и треба да се укинат, здравствените власти за сега не размислуваат во тој правец.

„Денеска сертификат искрено не можете да добиете доколку немате прележано болест, односно според тоа што го препорачавме од минатиот пат. Сега сертификатот ќе важи 180 дена, шест месеци, вакцините имаат неограничена важност. Тие кои не можат да докажат дека ја прележале болеста и на тој начин стекнале имунитет или се вакцинирале и на тој начин стекнале имунитет практично ќе бидат заштитени од тоа да не може да влегуваат во простории кои се од висок ризик за заразување со вирусот. И тоа е интенцијата во моментов на сертификатите, да не ги оставиме да бидат на таа страна тие кои немаат имунитет“, – изјави д-р Злате Мехмедовиќ.

Освен казни за луѓе кои немаат ниту ингеренции да проверат дали граѓаните се шетаат со фалсификувани или туѓи сертификати, мерката според експертите е нелогична.

И микробиологот Никола Пановски повеќе пати предлагаше да се укинат, бидејќи за нив нема никакво медицинско оправдување, нарекувајќи ги „глупост на 21 век“

По анализирањето на епидемиолошката состојба, Комисијата информираше дека се забележува зголемување на бројот на заразени помеѓу учениците, а намалување во другите возрасни групи. Информираа дека скринингот на населението веќе е започнат, но уште не се знае кога ќе почне тестирањето на учениците, кое овој пат ќе се прави во пунктовите за ковид тестирање на репрезентативен примерок од 2000 деца.

Претседателот на Комисијата д-р Петличковски уште еднаш апелираше граѓаните да се вакцинираат бидејќи сите анализи покажуваат дека најголем дел од починатите се невакцинирани – целосни извештаи колку вакцинирани лица без коморбидитеди починале, се уште нема.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста