Нема пријавени штети од земјотресот што се случи утрово

За сега не се пријавени штети од силниот земјотрес што го стресе подрачјето на Гостивар рано утрово. Епицентарот на земјотресот беше во Леуново, на територијата на Општина Маврово и Ростуше.

„До сега нема пријави за причинети штети. Утрово исконтактирав со локални жители на селото, полицијата како и со одговорните во хотелот Радика, кој е во Леуново и од сите добив информација дека нема последици. Се надеваме да остане така. По силниот земјотрес почувствуваме неколку потреси со послаб интензитет, што е очекувано.“, рече во телефонски разговор за Gostivarpress.mk , градоначалникот на Маврово и Ростуше Медат Куртовски.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, го регистрираше земјотресот во 4 часот и 54 минути, со епицентар 50 километри југозападно од главниот град, во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, со јачина од 5 степени по Рихтер.

Според досегашните податоци земјотресот најсилно бил почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со V степени според Европската макросеизмичка скала, во Тетово и Скопје со IV степени.

Во регионте на Битола, Прилеп и околината со III степени.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста