Нема пари за пожарникарите, од утре одат на протести пред градските власти

Со тензија, надвикување и без договор заврши денешната средба помеѓу скопските пожарникари и градоначалникот Шилегов. За градските власти, влегувањето во оган да спасите некого и да си го ризикувате животот, останува професија која не е опасна. Пожарникарите, и натаму нема да го добиваат, како дел од месечната плата, надоместкот за опасност при работа.

Скопските пожарникари револтирани и незадоволни од решенијата кои им ги понуди скопскиот градоначалник, се враќаат на вчерашната најава за протести.

  • Не сме задоволни од денешната понуда на градоначалникот кој е три години на функција и имаше време овој закон да го среди до сега. Ние ќе продолжиме со нашата агенда, протест пред Град Скопје. Протестот ќе биде секој ден во работното време на градоначалникот, само смената што е на рабата ќе остане на работа со полн капацитет. Медијацијата останува, тоа е за решавање со тужбите. Меѓутоа ние сакаме да ја регулираме платата, тоа да тече секој месец, истакна Исаевски.

Шилегов истакна дека се прават измени на законот кои треба да стапат на сила во јуни 2021 година, а во кои ќе бидат вклучени и дел од барањата на пожарникарите. Скопскиот градоначалник и денеска не заборави да потенцира дека зад реакцијата на пожарникарите стоела опозицијата. 

  • Ако сте на моја позиција и сте единствен кој го работи овој проблем во суштина. Ако ги преземате сите дејствија со цел да им излезете во пресрет и почнува проблемот да се решава, а од друга страна имате заменик градоначалник на Општина Сопиште, советник на ВМРО-ДПМНЕ еден од иницијаторите, не може да помислите на еден момент дека политиката ги нема вмешано прстите, изјави денеска Шилегов по средбата.

Шилегов вчера им порача на пожарникарите кои не се задоволни од висината на платата, да си најдат друго вработување. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје побара на денешната седница на Советот проблемот на пожарникарите да биде ставен на дневен ред како вонредна точка.

Викторија Миткова

Поврзани вести