Нема отстапки: ќе се субвенционира вработување во приватниот сектор по етнички клуч

Субвенции за вработувања по етничка основа сепак ќе има и тоа од наредната година – потврди министерот за економија. Бектеши вели – тоа што стоело во владината програма, требало и да се реализира и тие тоа и ќе го направеле. Министерот конечно потврди дека мерката ќе се реализира. Приватните фирми раководени од Македонци ќе добивале субвенции за да вработат Албанци и припадници на други етнички заедници. Бектеши уверува дека нема несогласувања во владата по ова прашање.

„Не значи дека само Албанци, Турци, Македонци ќе се вработат во некоја компанија. Тоа ќе биде направено на инклузивен начин и граѓаните да се доближат што повеќе. Оваа мерка ќе с ереализира зошто тоа е обврска што произлегува од владината програма која е усвоена во Собранието“ – рече Крешник Бектеши, министер за економија.

За разлика од Бектеши, Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека е неблагодарно државните пари да се делат по етничка основа.

„На прашањето ќе одговорам со потпрашање: Дали навистина за едно болно дете треба да прашаме дали тоа е Албанец, Турчин или Македонец за да ги даваме така по клуч парите“ – праша Битиќи.

Премиерот Заев излезе со променет став за само неколку недели. Откако на крајот на август упорно негираше дека такво нешто воопшто стои во владината програма, пред неколку дена се обиде да ја релативизира мерката и кажа дека субвенции ќе има и за вработување на Македонци во Тетово  и Гостивар.

„Нема таков дел во владата. Има дел кој зборува за рамномерниот развој“ – рече заев на 31.08.2020.

„Дефинитивно кажувам. Субвенции има за сите, за сите етнички заедници, за сите иницијативи. Регионалниот пристап ќе продолжи“ – рече заев на 18.09.2020.

Во меѓувреме првиот Вицепремиер Артан Груби на големо се пофали со оваа мерка како голем успех на ДУИ. Не му било јасно зошто се кренала толкава врева во јавноста околу ова прашање.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста