Нема официјална бројка колку ученици и наставници се позитивни на Ковид – 19

Наместо точен број – само проценти. Колку ученици и наставници се заразени со корона вирус и колку се во изолација, од Министерството за образование не даваат точна бројка освен до сега познатиот процент од 0,02% од вкупниот број ученици на ниво на цела држава.

Од министерството потенцираат дека училиштата не се трансмитери на заразата, а кога има ученик или наставник со симптоми на корона вирус, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите.

Засега на ниво на држава активни случаи на Ковид-19 се 0,02% од вкупниот број на ученици и исто толкав процент и на наставници, деталните податоци ги поседуваат надлежните служби кои констатираат присуство на вирус кај суспектни лица и издаваат решенија за изолација – велат од Министерството за образование и наука.

Иако од Министерството не упатија до надлежните служби за подетални информации, ниту денеска не добивме одговори од Институтот за јавно здравје за точна бројка на дијагностицирани ученици и вработени во образование.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат тие не поседуваат информации колку ученици се заразени, бидејќи согласно податоците од мој термин – за позитивните случаи нема образложение дали се ученици или не.Велат дека инспекциите низ училиштата течат добро и до сега не се забележани сериозни пропусти и непочитување на протоколите.

Директорката на Инспекторатот, др. Ирина Бухова, вели дека вонредните инспекциски надзори се прават во сите училишта, и до сега немале пријава за непочитување на мерките и протоколите.

Недостигот на информации за епидемиолошката состојба во училиштата отвора сомнеж – дали се крие точниот број на заразени. Афла се обидуваше да добие информации и од Центарот за јавно здравје – за скопските училишта, по што ни посочија да се обратиме во Инспекторатот. Ниту од Институтот за јавно здравје до сега не добивме конкретен одговор.

Само за потсетување, министерот Филипче во понеделникот пријави само двајца новозаразени ученици, додека пак информациите кои ги споделија градоначалници и директори на училишта не се совпаѓаат со оние на здравствените власти. Тогаш само во Штип имаше 53 деца во изолација, поради позитивни соученици. И за состојбата во Велес на почетокот на неделава информираше градоначалникот Аце Коцевски. , девет ученици и пет вработени беа дијагностицирани со Ковид 19.  Тогаш, министерот Филипче се оправда дека информациите стигнале подоцна, откако тој информираше за двата позитивни случаи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста