Нема одлука за олеснување на рестриктивните мерки

Нема да има одлука за олеснување на превентивните мерки за заштита од корона вирусот. Неофицијално, Комисијата за заразни болести, која требаше да заседава утрово, ја одложила одлуката за утре. Причина е зголемениот број на заразени пациенти од последните неколку денови, кога бројот на новодијагностицирани, наместо да се намалува, расте.

Тоа, пак, ги стави на стенд бај сите планирани активности за постепено отворање на кафулињата, рестораните, шопинг центрите. Неизвесно е кога тие ќе почнат со работа иако газдите на големо се подготвуваа да ги отворат локалите. Алфа на терен ги праша кафанџиите, дали се разочарани оти и денеска локалите остануваат со клуч на врата. Не сакаа да зборуваат пред камера, но велат веќе се подготвувале да почнат со работа. Велат, имале вработени и требале да ги платат, па ако наскоро не почнат со работа ќе морале да размислуваат за нови отпуштања.

И граѓаните на ист став, велат време е да се укине или да се намали полицискиот час.

Како што е предвидено во првата фаза од олеснувањето на мерките, кафулињата и рестораните ќе треба да ги отворат само терасите. Предвидено е да има најмалку метар и половина растојание помеѓу масите, а на нив да седат до најмногу четворица. Средства за дезинфекција ќе треба да стојат на масите, а келнерите да бидат соодветно облечени со маски и визири.

Во оваа фаза планирано е да се дозволи работа на субјектите кои спроведуваат едукации, како курсеви и автошколи, кои може да се спроведуваат со целосна опрема за заштита и дезинфекција. Со работа ќе може да стартуваат и фирмите кои имаат шалтерски систем на работа, каде е возможно да се одржи задолжителното физичко растојание од 2 метри.

Сепак за сите овие планови, Комисијата за заразни болести ќе одлучува во текот на утрешниот ден, за кога е закажана следната средба на лекарите. Здравствените власти, препораките ќе ги донесат врз основа на статистиката од последните два дена за состојбата со пандемијата во земјава.

И денеска полицискиот час стартува во 19 часот, а ќе заврши во пет часот наутро.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста