Нема одлука за аболицијата од Иванов – ќе пресуди гласот на Кацарска?

Уставните судии ја одложија седницата на која требаше да се разгледува  дали била уставна аболицијата на Иванов. По се изгледа пресуден ќе биде гласот на Добрила Кацарска, кој е предложена за нов уставен судија, но допрва треба да биде изгласана во Собранието. Според неофицијални информации 4 од судиите сметаат дека помилувањето треба да биде прогласено за уставно, а 4 не. Последниот збор најверојатно ќе го има судијката Кацарска која беше една од главните судии за голем дел од предметите на згасснатото СЈО, меѓу кои е и предметот Тенк, во кој затворска казна добија Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски.

Седницата кратко откако започна беше прекината. Причина беше недостатокот на мнозинство да се одлучува за дневниот ред, но и за некои од точките кои дел од судиите сакаа да бидат одложени. Судијата Кадриу предложи да се одложи точката за помилувањата на Иванов, за ова поддршка доби и од  претседателот на Уставниот суд Сали Мурати и судиите Маркудова и Ајдари, додека пак судијата Дарко Костадиновски предложи да се усвои дневниот ред и да биде дискутирано за точката.

Додека распоредот на силите во Уставниот суд е изедначен, веќе трет ден во Собранието се дискутира дали Кацарска е правилниот избор за Уставен судија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку герила акција во законодавниот дом го покажаа своето незадоволство заради предлогот Кацарска, велат таа е пристрасна и суди во корист на власта.

Останува отворено прашањето, каков би бил ставот на Кацарска за помилувањата, оти токму таа им  судеше на некои од лицата за кои Иванов даде аболиција, дали гласот ЗА ќе значи погазување на своите пресуди. А токму за пресудите, но и обвиненијата за дел од предметот на згаснатото обвинителство, во Стразбур се жалат дел од лицата кои беа под лупа од обвинителството на Јанева. Нивните бранители велат еднаш дадена аболиција не може да биде повлечена. Судот за човекови права ги прифати жалбите кои сега се во прва фаза.

Инаку денеска на седницата во Уставниот суд требаше да се расправа по иницијативите за преиспитување на уставноста на четирите успавни амандамни кои беа изласани во јануари минатата година, со кои Македонија го доби и префиксот Северна.

Мери Ѓорѓиевска