Нема одговор од Владата дали за клинички центар се фаворизира една компанија

Од Владата два дена молк. Нема одговор на прашањата на Алфа дали премиерот Заев имал намера да се сретне со претставници на австриската фирма „Вамед“, за која веќе во јавноста испливаа сомнежи оти ќе го добие тендерот за изградба на новиот Клинички центар „тежок“ половина милијарда евра.

Aвстриската фирма „Вамед“ која фунционира нешто повеќе од три децении има чисто портфолио – реализирала стотици проекти во 90 земји низ светот, вработила 27.000 работници и работи со биланс – добивка, но „висат“ прашањата како може однапред да се знае кој ќе го добие тендерот и дали има обиди за договори во четири очи, што секако е против законски.

Она што е симптоматично и дополнително фрла сомнеж за однапред договорена работа е и физибилити студијата за новиот Центар, која пак, на добра волја, бесплатно, ја изготви австриската агенција за здравство, а истата, иако вети, Филипче не ја објави јавно.

Во претходниот период здравствените власти мака мачеа да најдат и дупка во законот за јавни набавки за да може тендерот да биде две во едно, и изработка на проект и изградба, на некој начин „идеја – клуч на врата“.

Тендерот за Клинички е распишан во август, пари за изградба, како што посочи Филипче на последниот брифинг со новинарите, државата ќе позајми од неколку комерцијални банки, а темелите на новиот клинички во Веле поле во Ѓорче Петров треба да се удрат до крајот на годинава, најдоцна почетокот на наредната. Овие пари секако ќе треба да ги вратат граѓаните.

Најави оти ќе се изгради нов клинички со што ќе се стави крај на хаосот што во моментов владее во комплексот „Мајка Тереза“ ветуваше и претходната влада. Тогашниот тендер, што владата пак на Заев го поништи, чинеше три пати помалку. Тогаш тендерот го добија домашните компании „Гранит” и „Бетон” и италијанската „ИНСО системи”.

Сања Трајковска Ставров