Нема одговор на клучните прашања- далеку од очите на јавноста ДУИ и СДСМ ги хармонизирале програмите

Додека јавноста чека одговори на клучните прашања околу составот на идната Влада, СДСМ и ДУИ само лиферуваат куси соопштенија, во кои не откриваат ништо околу поделбата на ресорите, или кој ќе седне во премиерското столче. Најново сега е дека Заев и СДСМ работеле на хармонизација на односите со ДУИ, партијата за која лидерот на социјалдемократите, тврдеше дека ќе замине во опозиција.

-ДУИ заминува во опозиција. Pse JO BDI ne opozit? Зошто не ДУИ да биде опозиција, изјави Заев, велеше Заев во кампањата.

Заев тврдеше и дека нема шанси да прифати Албанец премиер.

-(Прашање: Дали во тој случај би прифатиле таков ултиматум, таков услов од страна на ДУИ­?) Секако дека не, ултиматум не треба да прифаќа ниту Заев, ниту Мицкоски, ниту Ахмети, ниту било кој да прифаќа, изјави Заев пред изборите.

Но, поминаа изборите и омекна реториката на Заев, сега ниту ДУИ ќе заминува во опозиција, ниту пак шефот на СДСМ не е жестоко против идејата за Албанец премиер.

-(Во јавноста има шпекулации дека ДУИ бараат премиер Албанец во првата година од Владата. Дали сте спремни да прифатите вакво барање?) Јас реков за деталите од преговорите не би коментирал, за да дадам шанса да успее преговарачкиот процес. Не би сакал да дадам денеска коментар директно за ваквото прашање, изјави Заев пред три дена.

Неофицијалните информации до кои стигна Алфа, се дека ДУИ бараат Албанец премиер во текот на првата година, но и дека сакаат атрактивни позиции во идната Влада, односно министер за внатрешни работи, за финансии, директор на УЈП, како и гувернерското столче во Народна Банка. Се поставува прашањето дали СДСМ се подготвени да прифатат вакво нешто.

Околу се поизвесната идна соработка меѓу Ахмети и Заев коментар имаше и претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Вели евентуалната коалиција меѓу овие две партии, ќе претставува погазување на се она што го зборуваа во кампањата.

-Нарекувајќи се едните кон другите криминалци, праќајќи се едните према други во опозиција итн, за да сето тоа се погази. Јас мислам дека во политиката не е само желбата за власт, туку мора да има и етика, изјави Јакимовски.

При своето последно обраќање во јавноста, Ахмети кажа во моментов колку се блиску, толку се и далеку од договор со Заев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста