Нема нови анти-ковид мерки, Филипче им порача на граѓаните да прават скромни слави

Бројот на заразени и починати од корона вирус расте, Комисијата за заразни болести не донесе нови мерки за заштита на граѓаните – а ресорното министерство допрва ќе прави анализи какви мерки имаат соседните земји па од таму ќе прибирале искуства. Освен апел граѓаните да бидат внимателни во периодот на куќни слави кој следи, министерот Филипче смета дека сегашните мерки се апсолутно доволни.

Последните денови има зголемување на инциденцата, и според оној двонеделен пресек. Во рамките на овој месец, има зголемување на бројот на заразени. Во однос на мерките, нема нови препораки, апсолутно нема потреба од нови мерки, добро се димензионирани, треба да се почитуваат. Остануваме засега со истите мерки. Сега доаѓа период на семејни слави – апелираме да избегнуваат семејни собири, во помал семеен круг – изјави министерот за здравство.

Комисијата на денешниот состанок не препорача никакви мерки, но Филипче уверува дека следната недела повторно ќе дискутирале, бидејќи биле можни дополнителни мерки за невакцинираните. Според него, рестрикциите на движењето на населението не давале добри резултати, но доколку се покаже дека некоја мерка ќе помогне, ќе преземеле се што е потребно.

Дека не очекува уште еден ковид-бран, постојано предупредуваат лекарите, а и министерот признава дека бројот на заразени е во пораст. Анализите за смртност се поразителни – Македонија е на четврто место во светот и трето место во Европа, пред нас се само Босна и Херцеговина и Бугарија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста