Нема кворум за економските мерки: Власта не ја прифаќа подадената рака од опозицијата, Собранието блокирано

Власта тера инает, не ја прифаќа раката подадена од опозицијата за изгласување на мерките за помош на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека се подготвени веднаш да гласаат за овие предлог закони, но владејачкото мнозинство како да е глуво. До крајот на овој месец единствена точка на дневен ред се само пратеничките прашања, но не и помошта за граѓаните.

Според опозицијата доколку кај власта имало волја да ги изгласаат овие закони, тоа ќе го направеле кога гласаа доверба за владата на Зоран Заев.

-Тоа можеа да го направат дента кога се гласаше доверба на владата на Зоран Заев. Бидејќи две недели порано беше претставен петтиот сет на мерки и можеа тогаш да го изгласаат. Но, зошто не го направија тоа? Тоа не го направија бидејќи и самите не им одговараа да биде изгласан петтиот сет на мерки затоа што немаат пари во Буџетот, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Инаку, во минатото се случувало опозицијата да го напушти Собранието, како што беше примерот во 2011 година, кога СДСМ на чело со Бранко Црвенковски се реши да ја бојкотира работата на законодавниот дом. Но, тогаш поради стабилното парламентарно мнозинство, Собранието продолжи со нормална работа.

СДСМ пак сега вината ја бара кај опозицијата. Иако од ВМРО-ДПМНЕ нудат веднаш да се изгласаат мерките за помош на граѓаните, за власта малку чудно, токму опозицијата била кочничар на овие предлог закони.

-ВМРО-ДПМНЕ заедно со неформалните коалициски партнери Алијанса и Левица, заеднички учествуваат во блокирање на законите кои обезбедуваат реализација на економски мерки од четвртиот и од петтиот пакет, изјави пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов.

На прсти може да се изброи колку пати досега Заев успеа да собере мнозинство во Собранието, последен пат тоа се случи кога некако се собраа 62-цата пратеници од владејачкото мнозинство и му изгласаа доверба на Заев.

-Со оваа моја постапка денеска еве ме застанувам пред вас и во име на целата Влада, во име на коалиционите партнери ја преземам одговорноста и ви давам можност да се изјасните и да гласате за доверба на Владата. Ред е да се соочиме и денеска ајде да се соочиме и да расчистиме, изјави Заев.

На наредните седници кога власта ќе може да собере мнозинство на дневен ред треба да бидат и интерпелациите на министрите за правда и здравство Бојан Маричиќ и Венко Филипче.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста