Нема крај на конфузијата –кој ќе им издава потврди на граѓаните кои не смеат да се вакцинираат од здравствени причини?!

Збунетост кај пациентите и лекарите по вчерашната изјава на премиерот Заев дека лекарите во секој момент можеле да издадат потврда за одредени пациенти кои од здравствени причини не смеат да ја примат анти-ковид вакцината.

„Секако, лекарите во секој момент можат да издадат потврда за таквите случаи, за пациенти кои не смеат да се вакцинираат, а Владата ќе го земе предвид тоа“ – изјави вчера премиерот Заев.

Граѓани постојано се јавуваат кај своите лекари да се консултираат. Матичните доктори се уште не добиле инструкции како да постапат и дали можат да дадат таква потврда дека одредено лице не смее да прими вакцина поради здравствени причини.

„Не треба да правиме притисок, цело време народот да има притисок, каде треба потврда ќе дадеме, но треба да се знае за кои дијагнози станува збор“ – вели претседателката на Здружение на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова.

Според др. Лилија Чолакова, целиот товар не може и не смее да падне само на матичните. За таква одлука, треба да се прашаат и специјалистите. Но  вели се повеќе доктори препорачуваат, луѓето кои примаат хемотерапија, трудниците и доилките да не брзат со вакцинација.

„Сметам дека за било какви потврди, би биле во договор со одредени специјалисти. Секако, не можеме да го преземеме цел товар, специјалистот треба да каже дали пациентот треба да прими вакцина или не. Има луѓе кои примаат хемотерапија и се во тешка состојба, и не треба да се приморани да ја примат вакцината“ – додава др. Чолакова.

Алфа се обрати и до министерството за здравство – дали во однос на рестриктивните мерки ќе има отстапки за луѓето кои прележале корона вирус или не смеат да се вакцинираат од здравствени причини, но до сега не добивме одговор.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста