Нема гаранции за ЕУ перспектива без решение на спорот со Бугарија – Заев: Некој се обидува идентитетот да го стави на преговарачка маса

Нема гаранции дека без решение на проблемот со Бугарија,Македонија може наскоро да се надева на европска иднина.Заев уверува дека за македонскиот идентитет нема да се преговара иако како што вели некој се  обидува да го стави на преговарачка маса.

“Силно порачавме тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел. После тоа можеме да разговараме за нашата европска иднина”, изјави Заев.

Сепак сигналите од Брисел и претседателката на ЕК Фон дер Лaјен се дека унијата дополнително ќе се ангажира за отворените прашања со нашиот источен сосед. Бугарските медиуми истакнуваат дека на средбата со Заев таа истакнала дека не можеме да се надеваме на преговори без компромис со Софија. Иако била изненадена од тезите за одвојување на Македонија и Албанија на европскиот пат. Нешто што неодамна го спомена еврокомесарот за проирување Вархеји.

Поддршка за преговори и заеднички пат кон ЕУ со Албанија како што истакнуваат од Владатра Заев добил и на средбите со претседателот на Европскиот парламент Сасоли и потпретседатеклот на ЕК Тимерманс.

Но дека работите со Софија се далеку од компромис потврдува и желбата на други европски земји партнери на Македонија да посредуваат. Чешка нема разбирање за бугарските позиции и се нуди да помогне.

“Со оглед на историските последици понудив помош во комуникација и доколку има интерес би можеле да и помогнеме на Северна Македонија со наши искуства. Што се однесува на историските аспекти, Чешка исто така имаше проблеми со тоа. Ние ја поддржуваме Северна Македонија, не ги споделуваме идеите за историската позиција на Бугарија. Посакувам што е можно побрз влез на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што членството во евроатлантските структури ќе обезбеди поширока безбедност на целиот регион”, изјави чешкиот минстер за одбрана Љубомир Метнар.

Во меѓувреме бугарскиот претседател Румен Радев назначи привремена влада со Стефан Јанев како вршител на должноста премиер. Македонија и натаму од другатастрамна нема да има легитимен партнер за преговори за отворените прашања. Веројатно ќе треба да се чекаат новите избори кај источниот сосед и политички кабинет со канпацитет за преговори.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста