Нема договор за зголемување на пензиите – следната средба дури во март

Нема договор за зголемување на пензиите. Помпезно најавуваната средба во Владата заврши без никакви резултати. Следната е закажана дури за во март. По се изгледа ветеното покачување ќе дојде по неколку месеци, а неизвесно е и колку ќе изнесува.

Власта ги удостои пензионерите со средба, но не и со конкретен договор за раст на пензиите. Во срдечна атмосфера во големата владина сала двете страни ги започнаа преговорите, но не договорија ништо поконкретно. Очекувањата беа големи, но епилогот е дека се договорила само методологија за анализа на растот. Пензионерите се надеваат на решение кое ќе биде прифатливо за сите страни.

  • Денеска започна процесот на разговори за да се дојде до траен модел за усогласување на пензиите кој треба да се гледа и од аспект на пензионерот и од аспект на пензискиот систем. Треба да се изнајде законско решение кое ќе обезбеди сигурност на корисните на пензии, а истовремено ќе значи одржливо решение, рече претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајковска.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи по состанокот со претставници на пензионерите изрази очекување дека на следната средба ќе може да се очекува постигнување договор за раст на пензиите. Дотогаш, вели тој, владата ќе направи симулација на предлозите.

  • Мислам дека имаме согласност оти методолгијата за усогласување треба да се смени. Мислам дека на наредната средба ќе го имаме дефинирано моделот и ќе имаме заеднички став. Се радувам што и Сојузот на здруженија на пензионери и Партијата на пензионери беа солидарни кон различните категории на пензионери и добиваат различна висина на пензии. Зборувавме за различни модели кои ќе значат посолидарен начин на поддршка. Тоа што ни остана како Влада е во следниот период да направиме симулации и да видиме какви импликации ќе има тоа врз пензискиот фонд, изјави Битиќи по средбата.

Желбите на пензионерите се пензиите да го следат растот на трошоците за живот и зголемувањето на минималната плата. Опозицијата побара конкретно зголемувањето да изнесува 20% но власта тоа екпресно го одби

Според министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, покачувањето на пензиите нема да зависи од ничија политичка волја.

  • Создаваме систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од ничија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Носиме решение кое е одржливо на долг рок, изјави Тренчевска по состанокот.

Методологијата за усогласување на пензиите ќе се менува со цел да се изнајде модел кој ќе овозможи одржливо решение на долг рок, договорија здруженијата на пензионери и Владата на денешната средба.

Следната средба е закажана во март. Бенефит од зголемувањето на пензиите треба да имаат 328.000 пензионери.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста