Нема детали од истрагата за инцидентот со електричната табла во модуларната болница во Прилеп

  • По два дена од случајното откривање на насилно искршената врата од таблата за електрично напојување на Модуларната болница во Прилеп, што можеше да има фатални последици по животите на таму хоспитализираните пациенти, прилепското ОЈО започна предистражна постапка, по допрен глас. Тие се надеваат дека во текот на денов кај нив ќе ги стигнат и материјалите кои ги побарале од Полицијата. Од МВР пак, за Алфа ни изјавија дека интензивно работат на расветлувањето на случајот, додека директорката на прилепската Болница, Кети Смилеска, уверува дека состојбата била под контрола, а 14-те пацинети, целосно безбедни.

„Во ниту еден момент не беа доведени во прашање животите на пациентите, бидејќи кој и да ја искршил вратничката, за среќа не успеал да предизвика било каков дефект во самата табла, каде патем, има висок напон на струја што е многу опасно. Ако не беше завчерашното невреме, ние немаше ни да знаеме дека вратата била искршена. Силниот ветар ја отвори, по што веднаш беше пријавено, а на располагање на Полицијата и беа доставени снимките од безбедносните камери од Болницата. Во меѓувреме го засиливме и обезбедувањето, а за ноќе побаравме асистенција и од полицијата“, – ни рече директорката на Болницата, Кети Смилеска.

   Локалните опозиционери пак, во целиот овој немил настан, препознаваат лош пи-ар и наивен обид да се прикрие, како што велат, тоталната неспособност на власта во менаџирањето на Ковид-кризата, а и за да се спасел образот на министерот Филипче.

  „Ова е една лоша режија на еден филм, во режија на пи-арот на Венко Филипче и Зоран Заев, каде што сакаат да ја сокријат неспособноста и неодговорното работење, неодговорното менаџирање на Ковид-кризата од почетокот, па се до денес…Во прилепската Болница, ова што се случува во моментов, може да се види и од самата слика која ја видовме од медиумите околу случајот со Модуларната болница, односно таблата за електрично напојување. Комплетна негрижа и неодржување, се околу болницата е необезбедено, ниту трева е искосена, ни има уредување околу Модуларната болница, ниту заштита, ниту камери. Апсолутно, ништо. Луѓето се оставени на милост и немилост, затворени во едни набрзина скоцкани минимум услови, само да се каже дека еве ќе профункционираат тие модуларни болници, бидејќи беа земени големи пари“, – ни изјави за Алфа, прилепскиот пратеник, Петар Ристески.

   Модуларната болница во Прилеп, по неколкумесечното доцнење, беше пуштена во употреба на 2-ри април, кога пемиерот Заев и министерот Филипче пристигнаа со хелихоптер, чин кој наиде на силна осуда од македонската јавност.

Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста