Нема датум за ЕУ ниту во јуни – Бугарија нема да го тргне ветото за Македонија

Бугарија нема да го крене ветото за Македонија до јуни додека трае и претседателството на франција со Унијата. Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во изјава за БНТ вели дека немало време во следните два месеца Македонија да го отвори Уставот и во него да се впишат Бугарите како државотворен народ, што е едно од клучните барања на Софија.

„Реално, до крајот на француското претседателство со Советот на Европа, се сомневам дека моите колеги од Македонија ќе можат да го отворат Уставот и да го завршат овој процес“, рече шефицата на бугарската дипломатија.

Дополнително открива дека ниту една од другите четири точки од Планот 4 + 1 не било исполнето од страна на Скопје.

Во меѓувреме официјална Софија експресно му одговори на министерот Бујар Османи, откако тој потврди дека меѓу двете министерства циркулира нон- пејпер и се само се чека потврда од бугарска страна. Ниту едно од понудените решенија на македонската влада не било прифатливо.

„Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на Македонија, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, соопштија од бугарското МНР за БГНЕС.

Од ВМРО –ДПМНЕ кои и ја открија информацијата дека циркулира нов нон-пејпер, повторно го повикаа Османи јавно да ја покаже содржината на документот.

И додека траат преговорите на линија Скопје – Софија, утре во Македонија пристигнува бугарскиот премиер Кирил Петков, но не во офијална туку во приватна посета да се сретне со Македонците со бугарска самосвест, но и со здруженијата кои добија финански средства од бугарска државна каса. Како што порачува Петков во бугарските медиуми, целта била да се покаже силната поддршка на  бугарската влада за бугарската заедница во Македонија оти тоа било голем приоритет за Бугарија.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста