Нелоска: Докторите од Инфективна треба да престојуваат во хотели, а не дома кај семејствата

Институциите мора итно да ги заштитат здравствените работници кои се најизложени на ризиците од Ковид 19, алармира дерматологот Ленче Нелоска. Според неа поразителен е бројот од 55 заразени медицински лица во земја која кубури со стручен кадар. Апелира, докторите од одделите за интензивна нега да бидат сместени во хотели додека трае кризата, а не по смената во болница да се враќаат кај своите семејства.

„Ние имаме лимитиран број на инфектолози, пулмолози, алерголози што се на прва линија. Нема брзи курсеви за интензивисти да станете, затоа во медицината си има субспецијалности затоа што ние сме обулени во одредена област. Ние треба тие луѓе под стаклено ѕвоно да ги чуваме“, вели доктор Нелоска.

Според Нелоска, скандалозно и нехумано е здравствените работници во ек на пандемија да добиваат по пет заштитни маски и пет рала ракавици за цела седмица, оти пациентите бараат грижа, а не да бидат прегледувани по десет со исти ракавици. Вели, колеги молат за донации оти стравуваат како ќе го минат денот на работа. Заштитна опрема има, но прашува зошто таа не стигнува до оние на кој им е најпотребна?

„Не смее да се дозволи да постојат количини на заштитна опрема кои што се веќе набавени, ги има во магацините на институциите, а сега кога на нас ни е најпотребна ја немаме. Ми се обраќаат колеги, медицински сестри да се обидам да најдам донација. Буквално функционираме од ден за ден, потпирајќи се еден на друг“ додава доктор Нелоска.

Клучно во борбата со корона вирусот е масовното тестирање и раната детекција, алармира доктор Нелоска, оти како што вели еден тест за детектирање на вирусот чини до 25 долари, а една недела во одделот за интензивна нега по пациент државата ја чини 10.000 евра.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста