Неколку прашања но ниеден одговор за вакцините за Ковид од првиот човек на комисијата за имунизација

Кога ќе стигнат, каде ќе се складираат вакцините за ковид 19, кој прв ќе се вакцинира, има ли план за имунизација, како граѓаните ќе бидат сигурни дека вакцината нема да има нус појави  и последно но не помалку важно е: дали дел од трошокот за вакцините ќе падне на грбот на граѓаните?

Легитимни прашања но одговори нема. Алфа веќе два дена се обидува да добие објаснување од претседателката на Комисијата за имунизација Александра Грозданова, но стигнуваат само оправдувања. На првите наши повици  бараше да се слушнеме подоцна, но никогаш потоа не ја добивме. Изутрината на нашите прашања одговори осамнаа на неколку други интернет портали. Но Алфа не доби изјава. 

Во нејзините изјави за други медиуми објаснува дека ќе стигнат 833.000 дози од вакцината против ковид-19 за околу 20 отсто од населението.  За секој кој ќе се вакцинира  потребни се по две дози. Но сите 833.000 нема да стигнат  одеднаш, туку како што вели Грозданова, според динамика и план согласно  капацитети на земјава. А кои се тие, не се открива. Се знае само дека во  Македонија ќе стигне вакцината што прва ќе биде одобрена.

Според Грозданова се очекува дозите да стигнат во првото тримесечие  следната година , а приоритет ќе добијат ризичните групи: здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Дури потоа би следувала набавка на дополнителни количини на вакцини за останати.

Не се знае каде ќе се чуваат, оти допрва се правеле анализи на капацитетите во Македонија, а како што вели Грозданова за дел од медиумите, секој пациент ќе прима двојна доза за да му се создадат антитела за отпорност во следните шест месеци.

Викторија Миткова

Поврзани вести