Неизвесно останува уште колку време прилепчани ќе треба да чекаат на изграбата на ветениот нов театар

       Изградбата на новиот театар, кој беше едно од главните предизборни ветувања на оваа власт, и понатаму останува пуста желба и на прилепчани, а особено на прилепските театарски работници, кои со години работат во субстандардните услови од постоечкиот театар, чија зграда е стара, безмалку еден век.

   Последното ветување околу изградбата на новиот театар, го даде премиерот Заев уште пред девет месеци, кога од центарот на градот во кој 50 години се одржува и единствениот  МТФ „Војдан Чернодрински“ , самоуверено најави дека годинава ќе се започне дури и со изградбата.

„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари на сметка наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот кој што следната година ќе почне да се гради“ – изјави премиерот Зоран Заев, на 19-ти декември минатата година.

    Новиот театар, кој три години оптимистички се најавуваше и кој требаше да почне да се гради годинава во склопот на НУЦК „Марко Цепенков“, ќе чека други времиња, бидејќи засега прибрана е само проектната документација, а додека од изградбата, абер нема.

  „Сета документација ја собравме, ја прибравме и веќе е распишан тендер за проектна документација за надградба, реконструкција и изградба на театарот во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“…Мора да се истера сега оваа постапка за да се одбере изведувач кој што ќе даде најдобра понуда, па да се избере и во рокот од одредениот период во кој што трае постапката да го даде основното и идејното решение…Кога ќе дојде оваа проектна документација, кога ќе се избере изведувач кој ќе понуди идејно и основно решение, тогаш треба да се добијаат средства за изградба. Меѓутоа, ова е првиот чекор кој што ние мораме да го изодиме….“ – вели в.д. директораката на НУЦК „Марко Цепенков“, Јасмина Мицовска Станкоска.

     И додека ветувањата околу изградбата на новиот театар се уште се останати само на ветувања, прилепскиот театарски ансамбал, кој патем е еден од најуспешните и најнаградуваните театри како во земјава, така и во странство, продолжува да работи во очајно лошите услови од НТ „Војдан Чернодриснки“, каде не постојат ни елементарни услови за професионална театарска дејност, за што пак, прилепските театарџии, неброено многу пати и јавно реагираа до надлежните институции.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста