Неизвесна набавката на кинеските вакцини?! „Синофарм“ го вратил авансот

Падна ли во вода договорот за набавка на 200.000 дози од кинеската вакцина „Синофарм“. Ваква дилема се отвори откако опозицијата обелодени дека компанијата и го вратила на Македонија уплатениот аванс?

Ова го потврдија и од Министерството.

„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината Синофарм, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја“, одговорија за Алфа од Министерството за здравство.

Од здравство тврдат дека веќе биле потпишани договорите за набавка на вакцините од Русија и од Кина, но и за оние на Астра Зенека преку Ковакс механизмот.

Премиерот Заев и министерот Филипче тврдеа дека кинеските вакцини во Македонија ќе стигнеле во Февруари. Но, сега министерот вели не сакал да шпекулира со датуми. Остава простор да се докомплетираат договорите.

„Еве се пролонгираше малце периодот, очекувам да сите овие разговори завршат за што пократко време. Секојдневно има некои нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании, стигнуваат информации, барања и од Астра Зенека преку Ковакс механизмот, од Фајзер кој што се уште го очекуваме драфт договорот, со руската компанија интензивно разговараме и секако и со кинеската. Така да верувам дека во следните неколку денови ќе може многу точно да кажам кој денови ќе пристигнат вакцините“, рече вчера во Гостивар, министерот Венко Филипче.

Македонија за сега ги користи донираните 8190 дози од вакцината на Фајзер кои ни ги отстапи Србија. Со нив, во модуларната болница се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите. Сепак, и оваа фаза од вакцинирањето не мина без контроверзи, откако вработен во охридската болница се најде на списокот на вакцинирани, а работел како секретар.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста