Неизвесен стартот на учебната година

На 20 дена пред стартот на учебната година, неизвесно е дали училиштата ќе ги отворат вратите за учениците. Бројот на заразени од корона вирус е во пораст а дали до први септември епидемиолошката состојба ќе дозволи настава со физичко присуство не се знае. Молк и од Министерството за образование – на почетокот на јули само известија дека институцијата има подготвено три сценарија, но после повеќе од еден месец уште не се знае според кое сценарио ќе започне учебната година – онлајн, комбинирана или со физичко присуство.

Но начинот на кој ќе се одржува наставата не е единствениот проблем на наставниците – овој септември ќе се соочат со низа предизвици, меѓу кои и најавените промени за што просветните работници сметаат дека ресорното министерство нема стратегија како ќе ги спроведе. Новата концепција за прво и четврто одделение требаше да донесе и нови учебници, но се уште ги нема – ова го открија повеќе наставници кои сакаа да останат анонимни поради притисоците на работното место и страв дека ќе ја изгубат работата.

Немаме конкретни сознанија кога ќе бидат готови наставните материјали. На последната обука во јуни ни беше соопштено дека согласно новата концепција ќе има нови учебници – но ние не можеме да ја подготвиме наставната програма бидејќи немаме учебници – изјави одделенски наставник.

Наставниците реагираат дека третата обука за новиот концепт во основно образование се уште не е почната, а се планира да почне дури следната недела – се поставува прашањето зошто МОН ја повторува истата грешка од лани кога поради неподготвеност, учебната година почна на 1 октомври. Дека учебници за прво и четврто одделение нема, покажа и јавниот конкурс кој до пред неколку дена беше објавен на Бирото за развој на образование за ревидирање на наставните материјали – кој потоа беше повлечен од официјалната веб страница.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста